На разочарување на доста корисници, Windows 11 нема да може да работи на голем број од компјутерите, поточно тие кои работат на процесори кои немаат TPM 2.0. Овие процесори во главно се тие пред осмата генерација од Intel, иако од Microsoft за време на тестирањето одлучија да дозволат уште неколку постари процесори официјално да имаат поддршка.

Од компанијата информираа дека корисниците кои имаат неподдржани компјутери сепак ќе можат да го инсталираат Windows 11, но тоа нема да може да го направат како надградба од Windows 10. Истото ќе можат да го направат само како инсталација со ISO датотеките или преку Windows Media Creation Tool.

Ова првично дојде како одлична вест за корисниците кои немаат процесор со TPM 2.0 и се спремни „рачно“ да го инсталираат Windows 11, но Microsoft кратко после тоа ги скрши надежите.

Иако корисниците ќе можат да го инсталираат Windows 11, тие нема да можат да инсталираат надградби преку Windows Update, што иако за многу корисници не е некој проблем, сепак може да ги остави без некои од новите функции кои ќе бидат претставени во иднина, како и без безбедносни надградби.

Инсталирањето на Windows 11 на неподдржан компјутер, според Microsoft е наменето за бизнис корисниците кои би сакале да го тестираат пред да купат нов компјутер за вработените, но не и за нормално користење од страна на обичните корисници.

Од компанијата пуштија и нова верзија од PC Health Check апликацијата преку која корисниците можат да проверат дали нивниот компјутер е компатибилен со Windows 11. Првата верзија од апликацијата беше критикувана поради тоа што истата не даваше повеќе информации, односно не им објаснуваше на корисниците зошто нивниот компјутер не е компатибилен.

Новата верзија ги прикажува минималните побарувања, како и карактеристиките на компјутерот, па доколку компјутерот на корисникот не е компатибилен, ќе им информација зошто е тоа така.

Новата PC Health Check апликација моментално им е достапна на корисниците на Windows Insider програмата, а на сите корисници ќе им стане достапна во неделите што следат.

Инаку, официјалното пуштање на Windows 11 се очекува за октомври оваа година, но од Microsoft уште ја немаат потврдено точната дата.

ИЗВОРPCWorld
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаiPhone 13 ќе може да се поврзува со сателитите во ниската орбита на Земјата
Следна статијаКинеските малолетници ќе можат да играат видео игри само три часа во неделата
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.