Apple веќе неколку години немаше импресионирано со некој нов производ – се чини дека сите уреди кои ги претставија беа само подобрување на претходниците, без некоја поголема иновација или нови функционалности. iPhone X целосно го промени ова – цел интернет сѐ уште зборува за овој смартфон, но јас би сакал да се навратам и на останатите уреди кои Apple ги претстави на истиот настан и кои исто така се прилично значајни.

iPhone X

iPhone X секако беше ѕвезда на шоуто и со добра причина – ова е првиот смартфон на Apple со OLED дисплеј, околу кој има многу мала рамка и напредни камери кои овозможуваат повисоко ниво на изменета реалност, односно во јазикот на „миленијалците“, многу подобри снепчет филтри, како и можност за анимирање на емотикони само со вашето лице. iPhone X сепак е прилично скап смартфон – кај нас сигурно ќе биде поскап и од 1.200 евра за моделот со 64 GB простор, што според многумина е премногу за смартфон. Јас се сложувам со тоа, но стојам на тоа дека сите работи кои ги нуди iPhone X со сигурност ќе го направат успешен уред. Повеќе за сите тие работи прочитајте тука.

iPhone 8 и iPhone 8 Plus

За оние кои не планираат да потрошат толку многу за смартфон, Apple претстави и подобрени верзии на актуелните iPhone-и, кои ќе ги носат имињата iPhone 8 и iPhone 8 Plus. Овие телефони се само надградба на претходниците и имаат многу сличен дизајн, со таа разлика што задниот дел е изработен од стакло наместо алуминиум. Нормално, подобрувања има и во камерите и во перформансите, но големината на дисплејот останува иста. Позитивно е што цената на овие два телефони почнува од 699 долари, односно 799 долари, која би била делумно повисока кај нас. Повеќе за сѐ што нудат iPhone 8 и iPhone 8 Plus тука.

Apple Watch Series 3

Наследникот на (делумно) успешниот смартфон на Apple има ист дизајн како претходникот, само со црвена точка на круната за вртење десно, но има помоќен процесор кој овозможува Siri без потреба од смартфон, а во него може да ставите и SIM картичка и да правите стандардни повици. Самото ова се чини е доволна причина за покачување на цената, која сега стартува од 399 долари во САД.

Apple TV 4K

На Северно-американскиот пазар Apple е особено успешен и кога се во прашање уредите за дневната соба, односно оние за стриминг на вашиот телевизор. Сепак, нивниот Apple TV последниве две години заостануваше зад конкуренцијата, бидејќи не овозможуваше 4K резолуција, нешто што беше сериозен недостаток. Сега Apple го исправува ова со нов Apple TV 4K, кој не само што има можност за 4K резолуција, туку има и HDR поддршка.

Претходна статијаGoogle ќе ги претстави новите Pixel телефони на 4ти октомври
Следна статија10-те Hyperloop рути со најголем потенцијал