Доколку сакате да бидете како протагонистите од најдобрите научно – фантастични филмови и да зборувате на вашиот часовник, наместо на голем паметен телефон, во моментов имате само неколку паметни часовници на избор (од кои поголемиот дел се евтини, кинески копии на оригиналите). Сепак, отсега ваква можност ќе има и најпопуларниот паметен часовник на пазарот, Apple Watch и тоа во најновата трета серија.

Apple Watch Series 3 не само што ќе поддржува повици, туку ќе има и брза LTE 4G конекција, која ќе му овозможи да функционира целосно без помош од паметен телефон. Покрај тоа, новиот Watch Series 3 има и помоќен процесор, кој ќе овозможи да разговарате со Siri без часовникот да биде поврзан со паметниот телефон, а во него ќе бидат вградени и подобрени сензори за мерење на отчукувањата на срцето. Сето ова значи дека кога ќе одите на трчање, возење велосипед или било каква друга активност, веќе нема да треба да го носите својот паметен телефон, бидејќи сите функционалности ќе бидат вградени во вашиот часовник, вклучувајќи и слушање на музика преку Apple Music.

Најновиот паметен часовник на Apple ќе има и неколку други можности, како на пример да ја мери ирегуларноста на отчукувањето на срцето на корисникот, со цел да открие некои болести на срцето однапред и евентуално дури и да го спаси животот на оној кој го носи.

Како и досега пак, Apple Watch Series 3 ќе биде достапен во две изведби – со големина на дисплејот од 38 милиметри и цена од 329 долари (399 со можност за LTE) и дисплеј со големина од 42 милиметри, кој ќе биде делумно поскап од помалиот модел. Бидејки дизајнот е скоро целосно подеднаков на претходникот (и на првиот модел), овој ќе може да го познаете по црвената точка на круната во десниот дел.

Извор: TechCrunch, CNET, Apple

Претходна статијаДетекција на болка со помош на AI
Следна статијаGoogle ќе ги претстави новите Pixel телефони на 4ти октомври