Развоен тим на Microsoft ja претстави FlexSense, тенка транспарентна површина преку која може да се манипулира со дигитални формати на различни начини. Ова е уште еден од низата нови проекти што сам по себе би нашол дури и практична примена во повеќе индустрии.
Оваа површина полна со сензори прифаќа и виткање како команда, а тоа може да го пренесе како информација до апликацијата која корисникот ја има вклучено. Microsoft ова го нарекува 2.5D input, а прототипот што го прикажува во видеото објавено на официјалната страница на Youtube секако работи на таблет со Windows.
На самата површина ќе може да се работи со дигитално пенкало што пак отвара голем број можности за примена од графички дизајн, анимација, па се до геодетски истражувања. Замислете правите скица за вашиот нов дизајнерски проект, чувството и ефектот е ист, а не сте потрошиле ниту еден лист хартија.
Секако дека може да се игра и видео игра со овој уред, a командите се совршени доколку сакате да контролирате виртуелен летечки килим како што всушност и ни покажуваат луѓето од Microsoft.
Оваа технологија исто така покажува и надеж за свиткувачките екрани на допир што веќе подолго време ги чекаме, но останува да видиме дали овој прототип воопшто ќе се појави во продавниците.
Извор: The Verge