Изминатиот период бевме сведоци на низа интернет скандали после кои корисниците воочија дека сликите и документите кои ги прикачуваат на интернет користејќи ги своите мобилни уреди, можат лесно да бидат предмет на злоупотреба од злонамерни натрапници. Најпопуларен од овие скандали, секако беше тој со „хакнувањето“ на илјадници кориснички профили на cloud серверот на Apple, iCloud, при што беа обелоденети бројни фотографии на познати личности кои тие немале намера да ги споделат со јавноста.
Жестоките критики што следеа вродија со плод, па така Apple беа први кои одговорија на повикот, правејќи неколку чекори во вистинска насока и нудејќи поголема заштита за своите корисници (интересно е што Apple негираа дека iCloud навистина бил компромитиран). Најпрво, тие воведоа засилена енкрипција како составен дел од iOS 8, при што сега корисниците можат полесно да ги заштитат своите документи, фотографии и други податоци од неовластен пристап. Дополнително, оваа енкрипција ги спречува и самите Apple да имаат пристап до податоците на нивните корисници, дури и во случај кога корисникот ја има заборавено лозинката за пристап до својот профил. На овој начин, тие (Apple) практично се имуни на барањата за пристап кои до нив редовно ги доставува владата на САД, кои ги гледаат технолошките компании како „сефови“ полни со купови лични податоци на милиони граѓани до кои можат да стигнат на лесен начин. Сепак, Apple не запреа тука, правејќи досега невидена ПР кампања со цел да ги уверат своите корисници и пошироката јавност дека се грижат за нивната приватност. Како дел од апдејт кој беше промовиран во Септември, Apple во Safari го вгради пребарувачот DuckDuckGo, кој е познат по тоа што се залага за приватноста на неговите корисници и не ги следи нивните пребарувчки навики, со што им овозможи на корисниците на iOS и Mac OS да го употребуваат истиот како примарен пребарувач.
Некои луѓе ќе посочат дека сите овие чекори кои Apple ги презема се со цел да го подобрат својот имиџ по скандалот со iCloud и да не го нарушат односот со своите корисници во ситуација кога нетрпеливо се очекува воведувањето на платежниот систем наречен “Apple Pay”, кој фундаментално зависи од довербата што корисниците ја имаат во способноста на Apple да ги заштити нивните податоци при тргувањето на овој начин.
Можеби се во право, можеби не. Сепак, колку повеќе се насочува дебатата кон ова прашање, толку повеќе се оддалечуваме од нешто што е далеку поважно, а тоа е дека конечно влегуваме во доба каде што технолошките компании се натпреваруваат за воспоставување на однос со корисниците кој е базиран на доверба, а не страв. Веќе се забележливи и ефектите кои ги произведува овој „натпревар“. Google ги најави своите планови за вградување на автоматска (default) енкрипција во сите нивни уреди, наспроти досегашната опција за енкрипција на податоците која беше опционална и не толку лесна за употреба од просечниот корисник.
Треба да се помириме со фактот дека никогаш нема да бидеме 100 проценти безбедни кога сме „онлајн“. Но, крајниот резултат од оваа борба е победа не само за корисниците на услугите на Apple или Google, туку за сите корисници на паметни телефони, таблет и други уреди поврзани на интернет, од причина што тие ќе можат безбедно да ги употребуваат сите благодети на современата технологија произведена од овие гиганти. По се изгледа дека Марк Зукерберг не бил во право. Ерата на приватноста сепак е далеку од завршена.
Извор: Тhe Verge