Во една претходна статија за градот Масдар, кој треба да биде првиот целосно автономизиран град кој ќе добива енергија исклучиво од обновливи извори, напоменав дека во тек е изградбата на електрична станица која ќе работи на принципот на концентрирана сончева енергија.
Оваа технологија, како што наговестив, е обновлив извор на енергија кој моментално започнува многу да се развива низ светот. Најголем вложувач во нејзе е Шпанија која досега има инсталирано станици за добивање на околу 2.204 мегавати енергија. Оваа технологија, во својата основа, се базира на прибирање на сончевото зрачење, најчесто преку користење на систем на огледала и нејзино насочување кон структура во која се загрева вода или друга течност. Кога течноста ќе испари, таа придвижува турбини кои создаваат електрична енергија. Некои експериментални изведби на оваа технологија место испарување на течност користат термохемиска реакција кај природниот гас.
За разлика од регуларните сончеви колектори кои сончевата енергија директно ја пренесуваат во електрична (фотоволтаици) или стандардните топлотни сончеви панели, оваа технологија на прибирање на сончевите зраци има неколку предности пред нив. Со акумулираната енергија во медиумот кој ја движи турбината таа може да продолжи да создава електрична енергија и кога сонцето ќе биде скриено или кога е ноќ. Нејзината изведба и вложување во капацитетот е доста поевтин од изведбата на стандардните сончеви панели, а воедно поефикасна од стандардните сончеви панели во искористеноста на добиената енергија. И што е едно од поважните достигнувања, нема никакво загадување ниту голем удел во смената на изгледот на некое конкретно земјиште, што го прави исклучиво еколошки начин на добивање електрична енергија (кој ќе биде потребен кога ќе дојдат повеќе до израз разните видови на електрични возила).
Зачетокот на оваа технологија доаѓа уште од анегдотата за Архимед кој користејќи „голема леќа“ ја концентрирал сончевата енергија и со неа ги избркал романските трупи во Сиракуза (интересното е што при повторувањето на ваквата постапка било докажано дека ова е можно да се изведе). Во текот на 19-тиот и 20-тиот век разни инвентори и научници ја користеле концентрираната сончева енергија за најразлични потреби и цели, како придвижување на турбини, наводнување и локомоција. Првата модерна ваква станица е создадена во 1929 г. од Р. Х. Годдард.
Модерната технологија на собирање на сончевите зраци се базира на неколку изведби, од кои најчеста е спомнатата, со параболни огледала. Потоа следат затворени огледала, Штирлингови чинии, компактен линеарен Фрешнел рефлектор и соларна кула.
Еден од главните (но ретки) недостатоци на оваа технологија е што е практично неизведлива во делови од светот каде сончевата енергија не е најсилна. Практично, колку подалеку се оди од екваторот толку потенцијалите на искористивост на истата се намалуваат. За среќа Македонија спаѓа во една од териториите со голем број на сончеви денови во годината, па останува да се надеваме дека на местото на некоја термоелектрана која работи на гас, нафта или јаглен, нашата држава ќе вложи во токму ваква термоелектрана. Друг помал проблем е што некогаш предизвикува повреди и изгореници кај разни птици кои ќе се најдат на патот на концентрираните сончеви зраци.
Ако сакате повеќе да дознаете за оваа технологија и нејзината иднина, би ви ги препорачал следниве ресурси: 1, 2, 3, 4
Извор: Solareis, Energy.gov