Кога Microsoft ја пушти верзијата од нивниот не толку популарен Edge направена на основа на Chromium кодот, работите драстично се променија. Edge за првпат стана навистина добар прелистувач и одреден период беше мојот главен и омилен кој го користев дури и на други оперативни систем покрај Windows.
Со тек на време овој заклучок сепак се промени. Microsoft почна да го полни Edge со се повеќе и повеќе мали функции, а врвот беше достигнат со интеграцијата на Copilot.
Не помогнаа и тестовите кои покажаа до кој степен Microsoft ги следи активностите на корисникот, па дури истите ги споделува со трети страни.
Microsoft Edge сега е доста добар прелистувач во својата основа кој сепак не вреди да се користи со оглед на конкуренцијата, а тука би го додал и Chrome кој ако веќе се користат вакви прелистувачи е доста подобар.
За корисниците кои сепак би сакале да го користат Edge, но проблем им е неговата преполнетост со функции и можности, достапна е скрипта која треба да го „исчисти“ во голем дел.
Треба да се нагласи дека промените кои ги прави оваа скрипта моментално не може да бидат вратени, односно корисниците ќе мора рачно да ги тргнат сите промени.
Скриптата е наречена MSEdge Tweaker и во оваа верзија ги трга следните функции од Edge:
- Почетното прилагодување и анимација
- Префрлување на податоци од друг прелистувач при вклучување
- Најавување со сметка и синхронизација на податоците
- Поставување како главен прелистувач
- Страничната лента
- Асистентот за купување
- Спонзорираните линкови од главната страна
За во иднина се планираат и додатни функции, но засега достапни се овие. Дел од нив може да се прилагодат преку Settings, но за дел се менуваат преку регистарот на Windows, како и „сокриените“ прилагодувања во Edge. Поради ова и не се препорачува користење на оваа скрипта доколку се планира враќање на првобитната состојба.