Иако не е вградена во Windows, корисниците одамна можат да ја додадат една од покорисните функции достапна на macOS, како и на некои Linux дистрибуции. Се работи за функцијата наречена Run која беше дел од PowerToys апликацијата од Microsoft.
Најдобрата споредба е со Spotlight на macOS, функција која на корисниците им овозможува да направат скоро се што им треба преку една лента која се појавува со кратенка на тастатурата. Корисниците можат да пребаруваат датотеки, контакти, апликации, да пребаруваат на интернет и повеќе.
Microsoft сега претстави нова верзија од оваа функција која е целосно преработена и има ново име. Истата сега е наречена Command Palette и исто така е дел од PowerToys.
Command Palette се активира со Win + Alt + Space, а корисниците можат да ја променат оваа кратенка преку прилагодувањата.
Корисниците со Command Palette можат да пребаруваат апликации, папки и датотеки, да извршуваат команди, да се префрлуваат помеѓу отворените прозори, да прават едноставни математички пресметки и повеќе.
PowerToys останува една од подобрите апликации за напредните корисници на Windows која овозможува доста вакви дополнителни функции кои не се дел од оперативниот систем.
