Корисниците имаат уште околу една година можност да ја користат „старата“ и добра Outlook десктоп апликација, по што истата ќе биде заменета со новиот Outlook, нова апликација која е направена на основа на outlook.com веб апликацијата.
Ова се однесува на бизнис корисниците и корисниците кои плаќаат за Microsoft 365, додека тие кои ја користеа Mail апликацијата во Windows, веќе неколку месеци мораат да ја користат новата Outlook.
Реакциите на корисниците не се баш позитивни, а тоа е и разбирливо кога ќе се земе во предвид дека повеќе години развивана апликација специјално за десктоп, сега е заменета со нешто што е скоро веб апликација. Истата ги нема сите функции од класичната, иако со тек на време Microsoft ги додава и ќе продолжи да го прави истото.
Новиот Outlook има и дополнителна критика, поврзана со приватноста, а Microsoft ја користи апликацијата, поточно содржината од пораките, за прикажување на персонализирани реклами. Ова може да биде исклучено, но никогаш не е позитивно кога ваква функција е вклучена стандардно.
Во обид да ги намали реакциите од корисниците, Microsoft од овој месец ќе овозможи класичната апликација да се користи паралелно со новата, односно двете да можат да функционираат во исто време.
Доколку корисниците решат да се вратат на класичната Outlook апликација, новата ќе биде минимизирана, односно нема да биде тргната. Тука може слободно да се каже дека не е сигурно дали оваа одлука е направена баш за доброто на корисниците.