Mozilla_Firefox_logo_2013.svg

Од оваа недела достапна е нова верзија од Firefox прелистувачот, како и соодветно на тоа, нова бета верзија преку која што сите корисници можат да ги видат нешто порано новите планирани функции.

Новите верзии како и секогаш се достапни на сите поддржани платформи, односно на Windows, Linuxs, OS X и Android.

Firefox 41 не претставува некоја поголема надградба на прелистувачот, односно не се достапни нови значајни функции кои што обично доаѓаат на неколку верзии. Како и да е, тука се стандардните помали подобрувања на работата и перформансите, како и неколку помали новини.

Главната новина во Firefox 41 е во системот за комуникација преку прелистувачот, Firefox Hello, на кој што сега е додадена можноста за испраќање на инстант текстуални пораки за време на видео или аудио повик. За потсетување, Firefox ја користи WebRTC (Web Real-Time Communication) технологијата која што овозможува аудио, видео комуникација, како и размена на фајлови директно преку веб прелистувачот, без потреба од инсталирање на било какви дополнителни додатоци или програми.

Во оваа верзија од Firefox исто така е додадена можноста за додавање на слика на вашата Firefox сметка. Не се работи за некој додаток што има некое посебно значење, но можеби некои корисници би сакале да ја има нивната слика со што многу едноставно ќе знаат дека се најавени на системот.

Целосната листа на новости во Firefox 41 за десктоп можете да ја видите тука.

Firefox 41 и на Android донесува неколку помали новини од кои што се истакнуваат можноста за брзо пребарување со различни пребарувачи од лентата за пребарување, можност за затворање на табовите со нивно повлекување лево или десно, подобро менаџирање на омилените страни и откривање на дупликатите и слично.

Листата на новости во Firefox 41 за Android можете да ја видите на следниот линк.

За разлика од оваа верзија, наредната, односно Firefox 42 ќе донесе неколку новини кои што се значајни за корисниците.

Главната новина е подобра приватност при сурфањето во приватен режим, односно Private Browsing. Оваа функција е одамна достапна, меѓутоа таа не нудеше некоја посебна заштита на приватноста повеќе од не зачувување на историјата на отворени страни, историја на пребарување, историја на симнати фајлови, на пополнување на форми и слично.

Со Firefox 42, Private Browsing ќе почне да блокира и одредени елементи од веб страните кои што се отвораат со што ќе се добие нешто повеќе приватност и на самиот интернет. Блокирањето може да се спореди со одредени додатоци кои што и сега се достапни кои ги блокираат елементите од веб страните кои што се користат за следење на корисникот низ веб страните. Ова значи дека одредени веб страни може да не функционираат или барем не целосно како во нормалното сурфање.

Уште еден мал, но навистина корисен додаток во Firefox 42 ќе биде означувањето на табовите кои што имаат веб страни од кои што доаѓа звук. Ова е веќе подолго време достапно во Chrome, како и преку одредени додатоци. Табовите ќе бидат означени со мала икона на звучник, а со притискање на истата, звукот ќе биде исклучен од соодветниот таб, без потреба од негово отворање.

Новите функции во Firefox 42 можете веднаш да ги испробате преку инсталирање на оваа верзија која што е во бета. Firefox 42 бета можете да го симнете преку следниот линк.

Претходна статијаМикро компјутерите со Cherry Trail донесуваат голем напредок во перформансите
Следна статијаНаучник создаде јонски мотор попрактичен и поефикасен од тој на NASA
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.