Paddy-and-assembly

Секојдневно не гледаме некоја приватна иницијатива да ја претрка NASA по проекти, иако такви индикации има (на пример од SpaceX). Сепак, само еден човек да создаде поефикасен мотор од агенција која има буџет од милијарди долари…?

Се работи за Патрик Нојман, пронаоѓач кој вели дека има создадено јонски мотор кој во мерењата испаѓа поефикасен од тој на NASA, а воедно и попрактичен. Идејата му текнала кога бил 3-та година на факултет, додека помагал на некој постдокторант во проект за врзување на студентите со вистинска научна работа. Таа се состои во користење на пулсирачки електричен лак за да се праќаат јони и тие да се искористат како потисна сила за движење на вселенски летала.

Имено, тој додека помагал на факултетот ги измерил титаниумските јони кои биле ослободени од пулсирачки електричен лак и открил дека излегуваат со брзина од 20 километри во секунда, по што помислил дека ефектот може да се искористи за потисок.

Моќноста на јонските мотори се означува како специфичен импулс и се мери во секунди. Според таквата мерка, ефектот кој Нојман го постигнал е 14.600 секунди. За споредба, јонскиот мотор HiPeP кој NASA го има развиено има специфичен импулс од „само“ 9.600 секунди, а моментално (очигледно веќе не) се води како рекордер во тоа поле.

Нојман тестирал неколку материјали за нивниот специфичен импулс и открил дека покрај ретки елементи како ксенон, ветувачки резултати даваат и чести метали како алуминиум, титаниум, магнезиум и други. Со тоа неговиот концепт е и попрактичен од тој на NАСА кој работи на ксенон додека е и поефикасен. Со милиони пати помал буџет.

Според Нојман, со само 20 килограми гориво од магнезиум ќе може да се донесе вселенски брод од 100 килограми до Марс и назад! Патувањето би било бавно, околу 3-5 години, но ако се засили електричниот лак (и со тоа потисната сила) би можело да се стигне за неколку месеци, со поголемо трошење на горивото секако.

Нојман ја има нашата поддршка. Воедно ова е одлична шанса да ги потсетиме сите оние кои се против приватната иницијатива и се за поголема улога на државата-дадилка. Имено, ова е доказ дека приватната иницијата најчесто е далеку поефикасна и попаметна од државната, иако има на располагање често и стотици илјади пати помали средства (и токму заради тоа).

Следниот пат кога ќе се запознаете со некој за кој ќе помислите дека е „будала“ што тргнал по приватен пат да си ја бара среќата место да се вработи за „сигурно платиче“ во државна администрација, нека ви текне дека можеби токму тој ќе ви овозможи подобра приватна амбуланта, такси-услуга, продавница за мобилни телефони и компјутери, лично обезбедување или што и да ви е потребно друго.

Извор: IFLScience, Business Insider

Претходна статијаДостапни Firefox 41 и Firefox 42 бета со нови функции за приватно сурфање
Следна статијаCable Robot Simulator – Нова генерација виртуелна реалност