На Смартпортал веќе подолго време ги следиме и објавуваме вестите за виртуелна реалност. Обично тука се работи за Oculus Rift или Tesla Suit, но и други интересни технологии како inMind и физички интерактивни екрани.
Сепак, технологијата на виртуелна реалност досега можеше само да ни ги „излаже“ очите и ушите. Постојат уште неколку сетила и „сетила“ кои треба да се излажат за да биде потполна симулацијата. На пример, мирис, топло, ладно, притисок, чувство за насока, гравитација, пад и други кои редовно ги користиме за да навигираме низ нашата околина.
Кога веќе се работи за физичкото чувство на движење и гравитација, се појави еден интересен проект на Макс Планк Институтот за биолошка кибернетика и се вика Cable Robot Simulator. Како што можете да предпоставите од називот, се работи за физички симулатор базиран на 8 кабли кои држат платформа („роботот“).
Платформата може да се движи насекаде во просторијата (која треба да е прилично голема – според видеото погоре изгледа како да има димензии барем 7 х 7 х 7 м). Кога ќе ставите заглавен уред за виртуелна реалност постои неконзистентност меѓу тоа што го доживувате на екранот и тоа што го осеќате во телото, што многу често доведува до главоболки и вртења. Cable Robot Simulator ги следи движењата на виртуелниот аватар и ги симулира, овозможувајќи конзистентност и поголема реалистичност на симулацијата.
Засега ова не е уред што би го сместиле дома и веројатно се` додека не се најде начин директно да ни бидат стимулирани другите чувства, ќе мора да посетуваме вакви огромни простории кои би симулирале понапредна виртуелна реалност. Интересно, во секој случај.