Кога ќе добиете некој линк во некоја од мобилните апликации, на пример линк до слика од Instagram преку порака во Facebook Messenger, истиот се отвора во вашиот интернет прелистувач, наместо во соодветната апликација доколку ја имате инсталирано. Можноста за отворање на линкови во соодветните апликации се нарекува Deep Links и веќе се користи во мобилните оперативни системи, меѓутоа не постои еден стандардизиран и едноставен начин кој што работи исто кај сите од нив.
Овој проблем од Facebook сакаат да го решат со претставувањето на App Links, универзален стандард за поврзување на апликациите кој што работи на Android, iOS и Windows Phone. Користејќи ги App Links, програмерите на едноставен начин, со додавање на краток код, може да ги поврзат апликациите на мобилните уреди. Тоа значи дека линковите, без разлика дали се во некоја апликација како Messenger или на интернет, односно во прелистувач, ќе носат до соодветната апликација за која што линкот се однесува. App Links решението е open source и е бесплатно и слободно за користење за сите програмери.
Доколку корисникот нема инсталирано соодветна апликација на која што линкот се однесува, тој може да биде однесен во продавницата за апликации за истата да ја инсталира. App Links се планира да биде возможен и на други платформи, меѓутоа на почеток ќе биде само за трите најкористени.