Apple продолжуваат да се промовираат себеси како компанијата која доста подобро се грижи за приватноста на своите корисници од конкурентите. Дали е тоа точно и до кој степен е отворено за дискусија, а може да се најдат доста добри статии и видеа кои го тестираат ова тврдење во повеќе области.
Од компанијата во рамките на овој углед кој го промовираат претставија нова реклама за нивниот Safari прелистувач. Рекламата мора да се признае е доста интересна.
Истата ги прикажува корисниците на конкурентите како додека го користат својот смартфон се следени, а следењето е прикажано преку камери кои се направени како птици.
На крајот кога конечно се прикажува корисник на iPhone, овие камери експлодираат, со што корисниците веќе не се следени.
Safari во своите прилагодувања има неколку механизми со кои ја штити приватноста на корисниците, од блокирање на „тракери“, до криење на IP адресата на корисникот.
Не може да се каже дека Safari е најприватниот прелистувач на пазарот, има такви кои прават повеќе на овој план, но дефинитивно е повеќе приватен од својата главна конкуренција, а посебно кога ќе се земе во комбинација со целиот екосистем од Apple.
Со оглед на тоа што Safari прелистувачот не е достапен кај платформите кои не се од Apple, на оваа кампања може да се гледа како обид да се зголеми процентот на корисници кои го користат овој прелистувач, како и генерално за привлекување на корисниците кон iPhone и Mac.