Неодамна спомнав дека не сум некој огромен обожавател на Спајдермен филмовите, но си ги следам зашто знаат да бидат забавни. Епа месецов изгледав два од Спајди универзумот. После „мех“ искуството со Spiderman: Far from Home, решив да седнам да го изгледам веќе ептен популарниот Spider Man: Into the Spider-verse. Веројатно толку долго ми требаше да го гледам (искочи во 2018 година) затоа што ем е Спајдермен, ем е анимиран.

Но, поттикнат од добрите работи што ги прочитав и видов за филмот, решив да му дадам шанса. И не згрешив. Одличен филм, според сите стандарди. Насловот не е шега, ова е многу веројатно најдобриот Спајдермен филм досега. Споредбите на live action наспроти анимирани филмови се секогаш проблематични. Како да кажеш дали едниот е подобар од другиот? Совршена споредба нема, ама слободата што ја дозволува снимањето на анимирана верзија на Спајдермен е пресудувачкиот факт. Едноставно самиот лик и сетингот е скроен за „неверојатни“ подвизи кои кога се во традиционална филмска верзија, знаат да делуваат „вештачки“.

Без разлика, приказната во Spider-verse е она што те внесува во филмот. Морам да признаам дека првите неколку минути од филмот не ми влеваа надеж, делумно поради сеприсутноста на мега-хитот на Пост Мелоун кој не можам да го поднесам (иако саундтракот е солиден). Но, штом приказната зема залет, се навлеков и уживав во возбудливото возење.

Приказната е преинтересна и освежувачки оригинална во споредба со бајатата состојба на суперхеројскиот жанр. Она што е највпечатлив новитет во Spider-verse е тоа што во главната улога на херојот кој бидува каснат од радиоактивен пајак не е Питер Паркер, туку Мајлс Моралес, латино момче што наидува на неволја од епски размери. Иако повеќето филмови со суперхерои секогаш се фокусираат на „крај на човештвото“ катастрофи, тука фокусот е повеќе на развојот и ситуацијата во која се наоаѓаат главните ликови и личните проблеми со кои се соочуваат. Голем плус е тоа што кога акцијата е присутна, секогаш е одлично смислена и изведена.

Секако, со оглед на тоа што се работи за анимиран Спајдермен, понекогаш имаш чувство дека филмот е наменет за помлада публика. Но, бргу забораваш на тоа кога во наредната сцена сфаќаш дека се работи за дело изработено од исклучително вешти лица кои нудат по нешто за секоја возраст. Во неколку сцени во овој филм драмата е поефективна од цели Спајдермен филмови.

Многу пријатно ме изненади Spider-verse. Продолжението се очекува во 2022, и дефинитивно ќе го дочекам со ентузијазам.

Претходна статијаThe Most Dangerous Game (2020)
Следна статијаА1 Македонија одбележува една година од воведувањето на новиот бренд