The Most Dangerous Game сосема неочекувано ми влезе на радарот. Ниту имав видено трејлер, ниту пак бев свесен дека постои телевизиска серија во која една од главните улоги ја има Криштоф Валц (Хуго Штиглиц од Inglourious Basterds). Само оваа информација ми беше доволна за да ја гледам. Хуго Штиглиц (или The Jew Hunter) е еден од најинтересните и најавтентични ликови кои некогаш биле создадени на филм, а Валц еден од најинтересните глумци за гледање. Во главната главна улога се наоѓа Лиам Хемсворт (попознат како братот на Крис Хемсворт/Тор).

Не знаејќи што да очекувам, стиснав плеј и од старт серијата ме изненади од неколку аспекти. Секоја епизода трае околу 9 минути, што е невидено на било која стриминг платформа или продукција. Инаку, продукцијата е на Quibi, нова стриминг платформа што се стреми да биде конкуренција на Нетфликс. Она по што Quibi се разликува од другите е тоа што е насочена кон мобилни уреди. Секоја нивна продукција е скроена баш за гледање на мобилен уред. Тоа ја објаснува и кратката должина на нивните серии.

Поради тоа што секоја епизода беше под 10 минути, седнав и ги изгледав сите едноподруго (има вкупно 15 епизоди – ќе ги изгледам за саат време, си реков). Речиси два часа подоцна, дојдов до заклучок дека ќе беше подобро да го потрошев ова време на нешто друго.

Добрите серии те „хукнуваат“ од старт и потоа се надоградуваат на тоа секоја наредна епизода. Ова не е таков вид на серија. Интересен концепт и баш поради тоа првите две епизоди (односно 18 минути) ми беа најинтересни. Но, откако ќе почне акцијата, се оди надолу. Накратко околу приказната: Доџ (Хемсворт) дознава дека има тумор на мозокот. Тој се обидува да најде пари за операција и доаѓа до ликот на Криштоф Валц, кој наместо да му даде пари, му нуди шанса да заработи повеќе милиони долари. Проблемот е во тоа што за да го стори тоа, тој мора да биде дел од еден лов низ улиците на Детроит, каде што пленот е самиот Доџ.

Како што реков, идејата е интересна (иако веќе видена во оној филм со Ајс Ти), но реализацијата е лоша. Прилично. Премногу кринџ ликови и клише сцени. Верувам дека со добро сценарио и добро осмислен развој на приказната, ова ќе беше прилично солидна серија. Вака, не можам да препорачам гледање.

Претходна статијаСтудија ја покажува можноста смартфоните да се користат за откривање на нивото на пијанство пред возење
Следна статијаНајдобриот Спајдермен?