Фондот за иновации и технолошки развој денеска го објави јавниот повик за ко-финансирани грантови за комерцијализација на иновации, преку кој се обезбедени 9 милиони евра за комерцијализација на иновациите на македонските компании.

Целта на повикот е да се поддржат компаниите кои сакаат да развијат иновативен производ, услуга или процес, сами или во соработка со друго претпријатие и/или установа која врши високообразовна, односно научноистражувачка дејност. Финансиската поддршка е достапна за домашните претпријатија кои имаат проекти со јасна комерцијална цел и кои се во фаза на прототип, па се до преткомерцијална фаза. Доколку предлог проектот се поднесува од страна на конзорциум, го поднесува водечки апликант, а членови на конзорциумот можат да бидат претпријатија, високообразовни и научно-истражувачки установи од земјата и странство.

„Преку инструментот комерцијализација на иновации досега имаме поддржано преку 140 компании, а тоа е 19% од вкупното портфолио, во износ од 21.5 милиони евра кофинансирани средства од буџетот на ФИТР. Овој податок претставува потврда дека Фондот е секогаш на страна на иновативните компании, на младите луѓе кои имаат желба и амбиција за развој на успешен бизнис. Со средствата од овој инструмент компаниите имаат можност да развијат нов производ или услуга, да ги дигитализираат процесите, да ја зголемат продуктивноста и конкурентноста како на домашниот и меѓународниот пазар” изјави Фестим Халили, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.

Халили додаде дека преку овој повик ќе се поттикнат нови компании да аплицираат за поддршка од Фондот, со оглед на тоа дека повикот е отворен за компании кои не се тековни корисници на инструментите од Фондот. Дополнително, Халили ги охрабри компаниите да аплицираат на јавниот повик за комерцијализација на иновациите и да ги преточат своите иновативни идеи во успешни бизнис приказни.

Фондот ќе обезбеди до 70% финансирање од вкупниот буџет на проектот, за претпријатија чиј просечен број на вработени е до 50 и чиј годишен приход во последните две години е помал од 2 милиони евра, односно до 60% финансирање од вкупниот буџет на проектот, за претпријатија чиј просечен број на вработени е од 50 до 250 и чиј годишен приход во последните две години е поголем од 2 милиони евра, а помал од 10 милиони евра. Времетраењето на проектите може да биде до 24 месеци.

Дополнително, со овој инструмент ги поттикнуваме компаниите да бараат дополнителни извори на финансирање, па така доколку за времетраењето на проектот а се до одобрување на завршниот извештај од страна на Фондот, корисникот достави доказ за привлечен инвеститор кој вложил износ кој изнесува најмалку 50% од износот на финансиска поддршка доделена од страна на Фондот на корисникот, во тој случај корисникот ќе биде ослободен од обврската за плаќање на ројалти.

Активности кои ќе бидат одобрени за финансирање во рамките на повикот се за: истражување и развој, тестирање, активности поврзани со заштита на интелектуалната сопственост, дизајн, развој на пилот линии, активности поврзани со обезбедување квалитет и активности за маркетинг и продажба.

Како главни критериуми според кои ќе се оценуваат предлог проектите се: степен на иновативност, квалитет на проектот, капацитет на проектниот тим, потенцијал на пазарот и влијание на проектот.

Процесот на евалуација на предлог проектите ќе се одвива во две фази: фаза на претселекција која се спроведува од страна на три домашни стручни лица по проект, две стручни лица од областите што соодветствуваат со критериумите за евалуација и едно лице од областа што соодветсвува на предлог проектот. Во втората фаза, односно фазата на селекција се спроведува од страна на Комитетот за одобрување на инвестиции, кои ја носат и финалната одлука за финансирање на проектите.

Рокот за аплицирање на јавниот повик Кофинансирани грантови за комерцијализација на иновации е до 17 ноември 2022 година, до 14:00 часот. Повеќе информации за повикот се достапни на следниот линк: https://fitr.mk/komercijalizacija2022/

Претходна статијаАЕТМ: E-трговијата продолжува да расте – 31.7 % раст во првото полугодие, 110 нови отворени е-продавници
Следна статија„Да ги слушнеме и гушнеме“ кампања на Халкбанк посветена на оние што нè пораснаа