Согласно најновите објавени податоци за безготовински платежни трансакции на виртуелните места на продажба за период од 6 месеци заклучно до 30.06.2022 година од страна на Народната банка на Република Северна Македонија трендот на пораст како на вредноста така и на бројот на трансакциите и понатаму е значителен.

Македонците потрошиле речиси 195 милиони евра во првите 6 месеци од оваа година кон домашни онлајн продавници што претставува 70% од вкупната вредност на направени онлајн трансакции.

И во текот на првата половина од 2022 година, Македонците најмногу купуваат од домашните е-продавници, но темпото на пораст во однос на двете последни години е со помал интензитет. После остварениот пораст од 169% во првата половина од 2020 година и 83% во 2021 година, во текот на првите шест месеци од 2022 година Македонците со домашни картички кон домашни е-продавници потрошиле речиси 195 милиони евра онлајн, што претставува пораст од 22% во однос на истиот период претходната година (согласно ревидираните податоци за 2021 година на НБРСМ од март и јуни 2022).

– “Не е обесхрабрувачки што порастот е значително помал споредено со претходните две години, ако имаме предвид дека е од значително повисока основа која е резултат на пандемијата и рестриктивните мерки. Позитивно е што во структурата со 70% и понатаму доминира вредноста со домашни картички кон домашни е-трговци. Во секој случај, неопходно е да напоменеме дека преку податоците од НБРСМ ја следиме е-трговијата во потесна смисла на зборот, односно само трансакциите реализирани онлајн додека се повеќе растат онлајн нарачките за кои плаќањето се извршува при прием на пратката за кои отсуствуваат податоци. Неодамна АЕТМ во соработка со Државниот завод за статистика организираше тркалезна маса со учество на сите засегнати страни со цел подобрување на сеопфатноста и квалитетот на податоците за е-трговија, а се надеваме дека дефинираните активности кои произлегоа ќе бидат имплементирани и ќе придонесат за да може да ја согледаме целосната слика. Растот и развојот на е-трговијата е во интерес на сите и во интерес на развој на домашната економија, а за да креираме соодветни политики и промени потребно е да носиме одлуки кои ќе бидат базирани на точни и квалитетни податоци” – вели Претседателката на АЕТМ, д-р. Нина Ангеловска.

Бројот на трансакции кои што Македонците ги направиле кон домашните е-трговци изнесува 6.1 милион и претставува пораст од 15% во однос на истиот период минатата година, па соодветно расте и вредноста на просечната трансакција која изнесува 32 евра и тоа кај физичките лица  – 30 евра, а кај правните субјекти – 37 евра.

Со странски картички кон домашните е-трговци во првото полугодие од 2022 година реализирани се скоро 11 милиони евра односно 43% повеќе отколку во истиот период минатата година, во 292 илјади трансакции. Просечната трансакција на странците кон домашните интернет продавници изнесува 37.7 евра.

Македонците во странство направиле трансакции вредни 71 милиони евра во првите шест месеци од годинава што преставува 66% раст во однос на минатата година. При тоа правните лица имаат поголем пораст во вредноста на направените онлајн трансакции или скоро 70% во однос на претходната година. Со тоа се зголемува учеството на правните лица во вкупните трансакции на скоро 32%. Бројот на направените трансакции од Македонци во странство изнесува 1.7 милион и расте со 31% во однос на истиот период лани. Просечната трансакција изнесува 40.1 евра, и тоа 31.3 евра кај физичките лица и 118.3 евра кај правните лица.

Во првото полугодие од 2022 година вкупната вредност на онлајн трансакциите реализирани во земјата од Македонци и странци и во странство од македонци, изнесува скоро 277 милиони евра, што претставува пораст од 31.7% во однос на истиот период минатата година. Бројот на вкупните онлајн трансакции во истиот период изнесува 8.1 милион и расте со помал интензитет (19%) од вредноста на вкупните онлајн трансакции во истиот период минатата година, што значи дека е зголемена вредноста по трансакција т.е нарачка и таа изнесува 34.2 евра. При тоа просечната трансакција на правните лица е поголема (44.8 евра) во однос на физичките лица (30.9 евра).

Во Македонија заклучно со 30.06.2022 година активни се 1.762 виртуелни или интернет продажни места.

Согласно податоците за бројот на уредите на виртуелните места на продажба (интернет продажни места), заклучно со 30.06.2022 година во Република Северна Македонија активни се 1.762 продажни места. Во вториот квартал на 2022 година се отворени 110 нови виртуелни продавници.

Претходна статијаМладите да бидат активно вклучени во носењето на одлуки
Следна статијаФИТР со 9 милиони евра поддршка за комерцијализација на иновативноста на македонските компании
0 0 votes
Article Rating
Subscribe
Notify of
guest

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

0 Comments
Inline Feedbacks
View all comments