Поминаа повеќе месеци, па доста луѓе сигурно и веќе заборавија на проблемите кои ги има Boeing со авионот којшто требаше да му конкурира на Airbus A320neo и да ја задржи компанијата на врвот.

Boeing 737 MAX е понова верзија од познатиот 737 на која беа поставени нови мотори со подобра ефикасност. Поради големината на моторите, како и непроменетиот дизајн на авионот, истите се поставени понапред од тоа на старите модели, со што авионот кратко кажано, е станат повеќе склон кон подигање на носот и можно губење на висината.

Со цел да го спречи ова, Boeing го воведе веќе познатиот MCAS систем кој автоматски треба да го спушта носот на авионот кога ќе забележи потреба за тоа, но тука настанаа и проблемите.

Системот бил направен без доволно тестирање, а подоцна се докажа и недоволна проверка на страна на властите во САД одговорни за истото. Исто така, Boeing ги нема информирано повеќето авиокомпании за овој систем, поради што пилотите не ја добиле потребната обука.

Поради добивање на грешни информации за положбата на авионот од страна на еден сензор до MCAS системот, два авиони паднаа поради неможноста на пилотите да го исправат авионот кој упорно бил насочуван надоле од страна на MCAS системот. Пилотите не знаеле за постоењето на овој систем, а доколку знаеле тие би можеле да ги преземат потребните мерки за негово исклучување или заобиколување.

Понатамошните истражувања покажаа дека Boeing одредени функции на системот ги има продавано како дополнителна опрема, па доколку засегнатите авиокомпании ги земале, може и не би дошло до незгодите.

Како и да е, разбирливо е дека по ова компаниите престанаа да го користат овој авион кој и официјално уште ги нема добиено новите сертификати дека е безбеден за користење. Тоа исто така значи дека новите нарачки од страна на компаниите се застанати, по што Boeing ги нема планираните продажби.

Од компанијата оваа недела одлучија да го прекинат производството на авионот и да се концентрираат на продажбата на големата залиха која ја имаат од него. Добивањето на новите сертификати трае подолго од очекуваното, па не е познато што ќе се случи и по добивањето на истите. Дали компаниите ќе продолжат да го користат овој авион, а уште поважно дали ќе прават нови нарачки.

ИЗВОРThe Verge
Претходна статијаОдржано стручно предавање за специјализанти во рамки на иницијативата „Македонски медицински амбасадори“
Следна статијаПоследна колумна за OneCoin, Понзи измамата за која сите знаевме
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.