Скопје, 16.12.2019 година – На 14.12.2019 (сабота), со почеток од 18:00 часот во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“ се одржа стручно предавање наменето за специјализанти по медицина. Во рамки на програмата, предавање одржаа спец. д-р Петар Ристески, еминентен македонски кардиоваскуларен хирург и спец. д-р Венко Филипче, врвен македонски неврохирург и актуелен Министер за Здравство во РСМ.

Одржаниот настан е дел од активностите на Иницијативата “Македонски Медицински Амбасадори“ (”Macedonian Medical Ambassadors Worldwide”), а преку презентација на материјали, информации и особено на меѓународна пракса, имаше за цел – размена на искуства и проширување на знаењето на специјализантите во областа и експертизата во која делуваат двајцата доктори.

“Споделувањето на искуството и праксата стекнати надвор од Македонија со новите генерации специјализанти е од суштинско значење за развојот на нашите кадри во областа на медицината. Само на ваков начин, со редовно практикување на настани од едукативен карактер, стручни предавања и обуки, како и споделување на експертизата и размената на искуствата кои јас и моите колеги ги стекнуваме надвор од државата, можеме да придонесеме за подобрување на системот за здравствена заштита во нашата Држава.“ – изјави спец. д-р Петар Ристески, кардиоваскуларен хирург кој активно работи во Германија.

“Ме радува денешниот ден, пред сѐ затоа што имав можност заедно со мојот Колега, Д-р Ристески да се соочиме со младите специјализанти, на стручно ниво. Презентацијата и пренесувањето на она што како доктор го знам, умеам и го практикувам е од суштинско значење, најмногу поради фактот дека еден од клучните фактори за унапредување на овој сектор е едукацијата за примената на медицината во развиените земји. Верувам дека денешното предавање претставува само дел од активностите кои во иднина ќе бидат реализирани со цел да ја доближиме и да ја донесеме странската медицинска пракса поблиску до нас, во нашата земја.“ – изјави спец. д-р Венко Филипче, неврохирург.

Овој интересен собир за размена на искуства го модерираше д-р Божидар Кочоски, актуелен Претседател на Специјализанти во рамки на Асоцијација на специјализанти и млади лекари.


За иницијативата “Македонски Медицински Амбасадори“ (”Macedonian Medical Ambassadors Worldwide”)

“Македонски Медицински Амбасадори“ е иницијатива посветена на поддршка на македонските здравствени професионалци кои работат во странство. Тие се извор на знаење и искуство, a како резултат на нивната миграција, имаат шанса да практикуваат медицина во различно опкружување, со иновации и медицински технологии и истовремено поседуваат ресурси и контакти – атрибути со кои може да придонесат за унапредување на здравствениот систем во нашата Држава. Истовремено, тие се првите амбасадори на добра медицинска пракса од Северна Македонија низ светот.
Иницијативата има за цел развој на јавно достапна платформа за размена на информации и експертиза преку која ќе бидат интегрирани здравствените работници од Северна Македонија и оние кои работат во странство, со цел – воспоставување на контакти, размена на искуство, знаење и експертиза како и унапредување и поддршка во развојот на македонскиот здравствен систем
.

За спец. д-р Петар Ристески, Кардиоваскуларен хирург
Д-р Ристески е македонски кардиоваскуларен хирург, кој веќе 15 години работи во Клиниката за торакална и кардиоваскуларна хирургија при универзитетот „Џон Волфганг Гете“ во Франкфурт, Германија. Од 2015 година тој е шеф на оддел за аортна хирургија. Во 2018 година беше дел од тимот кој ја изведе првата отворена хибридна операција во Македонија.

Претходна статијаFacebook Messenger доби Star Wars тема во чест на најновиот филм којшто излегува оваа недела
Следна статијаBoeing одлучи да го стопира производството на 737 MAX