Apple, кои се промовираат себе како безбедна и приватна алтернатива, најавија нова функција за сите нивни уреди наменета за заштита од „платенички малициозен софтвер развиен од компаниите по нарачка од државите“.

Со други зборови, Apple сака да им овозможи заштита на корисниците кои специјално се таргетирани од напади од страна на властите, а тоа обично се корисници како новинари, политички активисти и слични.

Заштитата Apple планира да ја овозможи преку нова функција наречена „Lockdown Mode“. Како што самото име асоцира, со вклучување на овој режим, уредот на корисникот ќе исклучи дел од функциите и ќе треба да овозможи заштита од можните напади.

Овој нов режим стана достапен со третата бета верзија од iOS 16, iPadOS 16 и macOS Ventura, а ќе им стане достапен на сите корисници во есен кога ќе бидат пуштени финалните верзии од овие системи. Иако функцијата ќе биде достапна за сите, сепак не се препорачува да се користи, односно таа навистина е наменета за корисниците кои се директно напаѓани од властите.

Lockdown Mode за почеток ќе ги вклучува следните промени кај уредот на корисникот:

  • Повеќето прикачени датотеки во Messages ќе бидат блокирани, освен сликите, а ќе бидат исклучени и прегледите од линковите
  • Одредени веб технологии во прелистувачите ќе бидат исклучени, како на пример дел од JavaScript технологиите кои се користат
  • Покани од сервисите од Apple, како и FaceTime повиците ќе бидат блокирани, освен за корисниците со кои корисникот веќе имал интеракција, односно ги повикувал
  • Конекцијата преку кабел со компјутер или некој друг уред, ќе биде блокирана додека уредот е заклучен
  • На уредот нема да може да се инсталираат профили за прилагодување и нема да може да се користи функцијата „mobile device management“.

Од Apple истакнуваат дека со тек на време ќе го зголемат бројот на функции кај Lockdown режимот, а за таа цел тие дури ќе ги наградуваат програмерите кои ќе успеат да најдат слабост, односно ќе можат да го пробијат режимот. Наградите кои ќе ги даваат одат до висина од 2 милиони долари.

ИЗВОРMacRumors
ИЗВОР 2Apple
Претходна статијаСеавус се приклучува кон Atlassian Platinum Solution Partnership
Следна статијаПрикажан изгледот на Galaxy Watch5 серијата преку неофицијални слики
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.