Големиот хадронски судирач при CERN е една суперкомплексна машина (поточно, спој од илјадници машини) која има за цел да судира честички и во резултатот да се испитуваат различни состојби кои нормално не можат да се утврдат.
Должината на ГХС е 27 километри кои се ископани под земја и засега е најголемиот од овој тип. Велиме засега бидејќи Кина не планира да заостанува зад експериментите во нуклеарна физика. Нивниот план е до 2020 да го изградат најголемиот судирач на честички кој ќе биде два пати поголем и седум пати помоќен од ГХС.
Само за потсетување, ГХС со својата моќност успеа да го пронајде Хигсовиот бозон како и пентакварк, претходно теоретски честички. Во меѓувреме беше паузиран да биде надграден на двојната моќност. Судирачот кој Кина ќе го гради ќе биде помоќен и од вака надградениот ГХС.
Тој ќе биде изграден во градот Чинхуангдао, град кој во последно време станува технолошко место на концентрација, а воедно е геолошки стабилно што е есенцијално за вакви проекти и експерименти. Дизајнот на судирачот веќе е во изработка и треба да биде готов во 2016.
Веќе некое време знаеме дека Кина го има свртено вниманието кон науката. Едноставно, науката носи пронајдоци кои потоа се претвораат во иновации и технолошки решенија, а тие пак овозможуваат конкурентна предност, зголемена ефикасност, поголемо економско богатство и цивилизационен напредок.
Така што, браво до Кина и сите кои се трудат да придонесат за зголемување на корпусот на човеково знаење!
Извор: IFLScience, Nature