Еден од главните адути на најновиот оперативен систем на Microsoft е тоа што веќе нема да биде наследен од некоја наредна верзија на Windows, туку постојано ќе се надградува на подобрени верзии, кои ќе донесуваат големи подобрувања, меѓу кои и промени во корисничкиот интерфејс.
Првата голема надградба за Windows 10 треба да пристигне уште наредното лето, со нејзе донесувајќи неколку подобрувања. Најголем новитет ќе биде подобрениот Continuum, односно можноста да ја префрлите работата од вашиот преносен уред, на вашиот компјутер.
Во моментов, Continuum е достапна само на оние кои имаат „2 во 1“ уред, или пак Lumia 950 и 950 XL, но новата верзија ќе биде многу покорисна. Имено, наместо да треба да купите посебен уред со тие можности, ќе треба само да имате Windows 10 на паметниот телефон и компјутерот.
На пример, ако почнете да пишувате email на вашиот телефон, истиот ќе можете да го продолжите на вашиот компјутер, онаму каде сте застанале. Истото ќе важи и за многу други универзални апликации, како Microsoft Office или пак некоја апликација од друг дивелопер освен Microsoft и дури и за SMS пораките.
Интересно, бидејќи Microsoft Office работи слично и на другите мобилни оперативни системи, како Android и iOS, Continuum би можел да функционира и со таков телефон, но секако само со апликациите на Microsoft.
Покрај подобрената Continuum можност, во оваа надградба конечно ќе ги дочекаме долго очекуваните екстензии за новиот пребарувач Microsoft Edge. Според она што го знаеме досега, дивелоперите ќе можат да ги објават истите екстензии од Google Chrome и Mozilla Firefox, со многу мали промени, што би требало многу брзо да ги донесе популарните екстензии од другите прелистувачи.
На 10 Ноември, Microsoft треба да ја пушти првата посериозна надградба од лансирањето на Windows 10, која за разлика од “Redstone”, за која пишувавме погоре, ќе донесе подобрувања во перформансите, чистење на баговите во целиот оперативен систем и Edge како и новата Messaging апликација за Skype.