gmail-5-screens

Пред две недели пишувавме дека Gmail со Material дизајн за Android апликацијата е спремена и дека може да се очекува да биде достапна за корисниците во неделите што следат. Со оглед на тоа што од денес се очекува да почне официјалната надградба на Nexus уредите на најновата Android 5.0 Lollipop верзија, не е чудно што Google полека ќе ги пушти повеќето апликации прилагодени за новиот дизајн кој што се користи од оваа верзија на оперативниот систем.

Петтата верзија од Gmail од денес е достапна за корисниците, меѓутоа се’ уште не можете да ја надградите преку Play продавницата, а тоа сигурно ќе биде достапно во неделите што следат. Како и да е, можете да ја симнете апликацијата во форма на apk и мануелно да ја инсталирате, односно надградите на најновата верзија.

Како што тоа беше случајот со другите апликации кои што беа редизајнирани според новите Material правила, така и Gmail изгледа многу поедноставно, исчистено, елементите се рамни, а боите истакнати. Исто така, главниот кориснички интерфејс кој што го гледате при вклучување на апликацијата е поедноставен, па така копчињата за нова порака и прилагодувања се тргнати од горниот десен дел. Таму останува само копчето за пребарување, додека копчето за нова порака е преместено во долниот десен агол и е во тркалезна форма.

gmail-android-accounts

Како што беше најавено, Gmail сега поддржува повеќе email сметки покрај тие од Gmail. Тоа значи дека ќе можете преку оваа апликација да ги проверувате сите ваши email сметки како Yahoo, Outlook.com, но и други IMAP/POP сметки. Gmail има поддршка и за Exchange сметки, па доколку имате бизнис сметка каде што работите, сега ќе можете да ја проверувате преку Gmail.

Ова е навистина добар потег од страна на Google поради фактот што според мене Gmail апликацијата отсекогаш била направена со подобар изглед и функционалност од повеќето други алтернативни email апликации. Исто така, секогаш е поедноставно да пораките можете да ги проверите преку една апликација, наместо да треба да отворате повеќе апликации.

Доколку сакате апликацијата предвреме да ја надградите тоа можете да го направите преку следните линкови. Доколку сакате да проверувате и Exchange пораки, ќе треба да ги инсталирате двата apk фајлови.

Извор: Android Police, ZDNet

Претходна статијаВо план оптички кабел од Бразил до Португалија избегнувајќи ги каблите на САД
Следна статијаКина претстави ласерски систем кој што треба да уништува дронови и други мали летала
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.