Google оваа недела ја одржува нивната главна годишна и една од најпознатите конференции во ИТ светот, Google I/O. Овие два дена ќе можеме да дознаеме доста за што е тоа на кое работат од компанијата, односно што можеме да очекуваме во месеците што следат.
Една од новините кои беа презентирани во текот на првиот ден од конференцијата беше поврзана со Gemini апликацијата. Истата е достапна на двете мобилни платформи, односно на Android и iOS.
Корисниците на апликацијата сега добиваат целосен и бесплатен пристап до една од најнапредните функции, а тоа е можноста за споделување на камерата или екранот со Gemini.
Оваа функција е достапна како дел од Gemini Live, можноста да се разговара со „четботот“ гласовно исто како со човек.
Сега корисниците кога разговараат преку Gemini Live и нешто не можат баш најдобро да го објаснат со зборови, ќе можат да ја вклучат својата камера и да ја насочат кон нешто и да побараат одреден одговор.
Ова исто така важи и за содржината на екранот, односно тоа што во моментот е вклучено на некоја од апликациите на телефонот.
Google најави уште неколку новини кои стануваат дел од Gemini апликацијата, а тие ги вклучуваат Imagen 4 моделот за генерирање на слики, Veo 3 моделот за генерирање на видеа, подобрувања кај Deep Research и Canvas, нов Google AI Ultra пакет, како и нов стандарден јазичен модел, Gemini 2.5 Flash.