Mozilla_Firefox_logo_2013.svg

Mozilla најави дека во верзиите од Firefox што следат во наредниот период ќе воведе неколку суштински промени кои што ќе бидат поврзани со начинот на работа на самиот прелистувач, како и на познатите додатоци.

Промените веќе се споредуваат со Google Chrome, а за тоа и има причина. Тие ќе го направат прелистувачот посличен на Chrome во одредени функции, а истото важи и за додатоците кои што со промените ќе можат многу лесно да бидат прилагодувани за користење на различните прелистувачи.

Една од главните промени е во начинот на развивање и работа на додатоците на прелистувачот. Firefox стана популарен во голем дел баш поради додатоците и можностите кои што ги понудија на корисниците.

Меѓутоа овие додатоци кои што овозможуваат доста длабока интеграција со системите на прелистувачот, иако го овозможуваат познатото ниво на прилагодување, во денешно време претставуваат и безбедносен проблем, како и проблем за перформансите на прелистувачот.

Поради тоа, од Mozilla претставија нова API алатка за изработка на додатоците наречена WebExtensions. Оваа алатка е компатибилна со Blink, алатката користена на Chrome и Opera. Тоа значи дека ќе може да се очекуваат додатоци за Firefox кои што по начинот на работа ќе биде послични со тие на Chrome.

Ова за некои корисници може да претставува проблем. Има голем број на корисници кои што се’ уште го користат Firefox помеѓу другото, баш поради начинот на работа на додатоците. Промената може да значи намалување на функционалноста на одредени додатоци, а исто така доколку не бидат прилагодени, прекин со работа за други.

Сепак, предноста на промените се очекува да биде долгорочна, корисниците да добијат постабилни и побезбедни додатоци кои што многу лесно ќе можат да бидат прилагодувани за сите прелистувачи. Тоа значи дека програмерите кои што до сега развивале додатоци само за Chrome, ќе можат со многу мала промена на кодот да ги донесат на Firefox. Истото ќе важи и за новиот Microsoft Edge кој што е најавено дека исто така ќе користи сличен систем на работа.

Додатоците исто така ќе мора да бидат проверувани од страна на Mozilla и потпишана од развивачот. Почнувајќи од наредната верзија од Firefox, 41, непотпишаните додатоци ќе бидат автоматски деактивирани.

Firefox исто така ќе почне да работи послично со Chrome и во друг дел. Самиот прелистувач ќе биде издвоен од содржина која што се прикажува, што ќе овозможи секоја таб да биде посебен процес, како што тоа е случајот со Chrome.

Оваа промена иако може да доведе до поголема потрошувачка на ресурси од страна на Firefox, ќе донесе и поголема стабилност и безбедност. Доколку настане проблем со една од отворените веб страни, тоа нема веќе да има ефект на целиот прелистувач.

Промените кои што се најавени ќе бидат постепено воведувани во наредните 12 до 18 месеци, па програмерите ќе имаат доволно време да ги направат потребните прилагодувања.

Извор: Mozilla, The Verge

Претходна статијаAsus претстави Deluxe верзија на Zenfone 2 со фантастични 256 GB капацитет!
Следна статијаMicrosoft претстави мобилна апликација што може да прави 3D скенирање на вашата околина
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.