Files by Google, апликацијата со која од компанијата се обидуваат на корисниците да им овозможат лесна работа со нивните датотеки на телефонот, наскоро треба да добие една доста корисна новина.
Со оваа новина корисниците имаат уште една причина помалку да ги користат посложените алтернативни вакви апликации и да останат со апликацијата која доаѓа од компанијата која стои зад развојот на Android.
Files by Google треба да ја добие можноста за компресија на датотеките, односно креирање на „zip“ датотеки. Оваа апликација досега ја имаше можноста да ги отвора ваквите датотеки, па можноста за креирање ја прави доста покорисна како алатка за корисниците.
Потребата за компресија на датотеките обично се јавува во ситуации кога корисниците сакаат да пратат повеќе датотеки преку „имејл“, на пример, односно кога повеќе датотеки треба да се испратат некаде.
До информацијата дека Files апликацијата ќе добие ваква можност доаѓаат од Android Authority преку разгледување на „apk“ датотеката од најновата бета верзија од апликацијата.
Тие откриваат и уште една мала новина, можноста за прикачување на папки на главниот екран, поточно во „Collections“ делот.