DuckDuckGo, познатиот интернет пребарувач кој ја штити приватноста на корисниците, претстави нова функција која е дел од нивниот интернет прелистувач за Android. Оваа апликација веќе доаѓа со вградено блокирање на интернет тракерите при сурфање, но сега ќе отиде и чекор подалеку.

DuckDuckGo App Tracking Protection ќе излезе од рамките на заштита само на сурфање на корисниците преку оваа апликација и ќе го блокира секое следење од сите апликации инсталирани на уредот на корисникот.

Поточно, секоја апликација која има можност да ги следи активностите на корисниците, а тоа може да го прави и кога корисниците не ја користат таа апликација, односно да ги следи активностите на другите апликации. Под активности се мислат работи како кои страни се отвораат, локацијата, фитнес активностите и слично.

Сето ова се прави со цел креирање на што повеќе точен профил за корисниците за потоа да им се прикажат што повеќе релевантни за нив реклами.

Новата заштита од DuckDuckGo ќе ги блокира тракерите кај апликациите кои се од трети страни, односно тракерите кои не се од самата апликација кога истата се користи, ќе бидат блокирани.

Ова ќе биде постигнато преку креирање на VPN конекција која ќе се користи само за пресретнување на сообраќајот на апликациите, за да може да се блокираат тракерите.

Оваа нова функција е слична на таа која ја воведе Apple од оваа година и е наречена App Tracking Transparency. Корисниците на Apple имаат можност за секоја апликација да ја исклучат можноста истата да ги следи на други апликации, а тоа може да го направат и за сите апликации генерално.

Новата функција кај DuckDuckGo е во бета фаза и корисниците можат да ја вклучат преку DuckDuckGo интернет прелистувачот на Android, односно преку прилагодувањата на истата. Пристап до функцијата не се добива веднаш, односно корисниците можат да се пријават на листата на чекање.

ИЗВОРPCWorld
Претходна статијаQualcomm ќе го издвои Snapdragon брендот и ќе му овозможи независно да продолжи да се развива
Следна статијаСоработката помеѓу Google и Samsung донесе големо подобрување на пазарниот удел на Wear OS
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.