Кавана неодамна се најде пред американскиот Сенат, каде што беше побарано од него да се изјасни за обвинувањето дека извршил обид за силување додека бил средношколец. Човекот сега има 53 години, така да се работи за обвинение кое датира од пред повеќе од 35 години.

Кристин Блејзи Форд (Christine Blasey Ford) е жената која што тврди дека додека биле средношколци, Брет Кавана заедно со неколку негови пријатели се обидувале да ја силуваат додека биле на средношколска забава. Таа тврди дека тој ја притиснал за креветот и дека и ја покрил устата со својата рака за да не може да вреска за помош.

Пред неколку недели пишувавме за пристрасно убедување (confirmation bias) и како овој феномен влијае на нашето расудување. Сослушувањето пред Сенатот на САД, и следствено на тоа, начинот на кој медиумите известуваа за овој настан и како истиот беше дочекан на социјалните мрежи е класичен пример на confirmation bias.

Во овој случај, огромна маса на луѓе гледаа два различни филмови на ист екран. Либералите гледаа филм во кој Кристин Блејзи Форд е херој. Самото тоа што „собрала храброст“ да се појави пред Сенатот и повторно да го доживува трауматичниот момент од пред три декади е показател дека мора да ја кажува вистината.

Дополнително, фактот што таа е психолог и редовно се справува со „феномени поврзани со мозокот“ треба да е знак дека е доволно способна да посегне во минатото и верно да преслика момент кој што и оставил белег во мозокот. Не помага ниту начинот на кој што се обраќаше и обвинетиот човек, самиот Кавана. Тој цели 40 минути ги потроши изразувајќи го својот гнев (со траорни гримаси) и одбегнувајќи директно да одговори на неколку прашања од Сентарите. Таков човек не би требало да е подобен за да го брани народот од неправди, нели?

Image result for kavanaugh

Лице на кое е тешко да му веруваш

Конзервативците гледаа сосема друг филм. Во нивните глави, сослушувањето на реномираниот Кавана е фарса. Како е можно некој да биде товарен за обид за силување врз основа на „рекла казала“? Тие се сомневаат и во веродостојноста на информациите кои ги даде Форд. Таа неколку пати ја сменила изјавата во која наведува колку луѓе биле присутни во собата каде што се обиделе да ја силуваат.

Дополнително, таа не е сигурна дали ги дала белешките од психијатар (каде што обелоденува дека била нападната од Кавана) на Вашингтон Пост, иако од весникот тврдат дека ги прегледале.

Кој од нив лаже?

Не може со сигурност да се тврди дека една од страните ја кажува вистината, а другата лаже. Затоа постојат судовите. За да ја откријат вистината. Несомнено е дека Кристина Блејзи Форд претрпела голема траума во тинејџерските години. Очигледно е и дека Кавана беше премногу нервозен и несигурен во своите одговори пред Сенатот.

Меѓутоа, сето тоа не е доволно за да тврдиме кој од нив ја кажува вистината. И покрај тоа, имавме шанса да сведочиме на еден спектакл во кој беа изнесени екстремно приватни информации за вмешаните поединци. Форд наводно се соочила со закани за смрт, и морала да го смени своето живеалиште. Кавана е практично анти-христ во очите на америчката јавност (со исклучок на конзервативците), особено откако беше избран за судија во Врховниот суд (со 50 гласови ЗА, 48 гласови ПРОТИВ).

Секоја чест на оние кои го приредија спектаклот барајќи правда и вистина без да посегнат по фактите.

Претходна статијаШто (не) смее Државата да следи од нашите податоци? (1/2)
Следна статијаПовеќе акционери во Facebook бараат тргање на Закерберг од претседателската позиција во одборот на компанијата