По мала пауза од почетокот на оваа година, Huawei повторно претстави модел со екран кој се превиткува. Овој пат од компанијата претставија таканаречен „clamshell“ уред, односно уред кој се преклопува по својата хоризонтала. Тоа значи дека кога е затворен, телефонот е доволно мал за да може лесно да се стави во било кој џеб, а кога ќе се отвори е како класичен смартфон. Моментално главниот конкурент на Huawei P50 Pocket е Samsung Galaxy Z Flip3.

Две карактеристики го прават P50 Pocket поразличен од конкурентите и дефинитивно интересен модел кој ќе привлече внимание. Кога е преклопен, односно затворен, екраните се целосно прилепени еден за друг и нема простор помеѓу нив, со што се добива покомпактен и потенок уред.

Втората карактеристика е поинтересна и е креативно решение кое оди во правец на надминување на конкурентите. Екранот кој е замислен да прикажува известувања без потреба од отворање на уредот, направен е да биде кружен. Слободно може да се каже дека потсетува на паметен часовник, а посебно кога ќе се додадат виџетите кои се посебно развиени за овој екран.

Корисниците, покрај тоа што ќе можат да го користат малиот екран за гледање на известувањата, тие ќе може да го користат за сликање селфи слики, а со виџетите ќе можат да ја гледаат и временската прогноза, календарот, да ја контролираат музиката и слично.

Што се однесува до карактеристиките на P50 Pocket, тој доаѓа со 6,9 инчен екран, кога е отворен, кој има резолуција од 2790 на 1188 пиксели и стапка на освежување од 120 херци. Работи на Snapdragon 888 4G и има избор помеѓу 8 и 12GB RAM, како и 256 и 512GB простор за податоци. Батеријата на уредот е со капацитет од 4.000 mAh и се полни со брз полнач од 40W.

Камерите се составени од главна камера со 40 мегапиксели, ултра широка камера со 13 мегапиксели и „super spectrum“ камера со 32 мегапиксели кој треба да овозможи подобри бои. На предната страна, односно на екранот исто така е поставена камера во мала дупка, како што е стандардно овие години.

Со оглед на тоа дека се работи за уред со екран кој се превиткува, цената ќе биде соодветна за ваквите уреди, па P50 Pocket ќе се продава од 1400 до 1700 долари. Моментално е достапен само во Кина, па не е познато дали и кога ќе биде достапен во остатокот од светот.

ИЗВОРGSMArena
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статија6 успешни години на Мусала Софт во Македонија
Следна статијаПоети, јутубери, инста блогери – здружно во продажба на новогодишното издание на „Лице в лице“
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.