Поезија, рапување, дружење, мотивирање, поттик, видливост, се главните елементи со кои наши поети, инстаблогерки и јутубери ги поддржуваат продавачите на „Лице в лице“ во продажбата на новиот 48. број, што ја носи темата: партнерства за развој и позитивни промени.

Поетите Ана Голејшка Џикова и Горазд Кени изминативе денови се приклучија во акцијата „Лице в лице предизвик“, преку која, на граѓаните, заедно со продавачите, им го понудија најновото новогодишно издание, и тоа на фреквентните места низ Градскиот парк, Плоштадот, Дебар Маало, Лептокарија… Со ваквиот потег, овие млади, креативни луѓе, влијаат на мотивацијата на продавачите, но, и покажуваат дека со заеднички делувања, партнерски, може да се соочиме со предизвиците што ги донесе пандемијата.

Откровение е да продавате „Лице в лице“ во токму таква релација, лице в лице. Тоа не е само продажба, туку размена на енергија. Продавав со Неџат, кој ме освои „на прва“, отворен, комуникативен, скромен. Сфатив колку е предизвикувачки да сте постојано на терен, да сте љубезни, да внимавате на пристапот, но и истовремено да не губите мотив кога луѓето нема да купат примерок. Одличен сончев ден, полн со впечатоци и заокружен како што доликува на двајца поети/перформери – со фристајл рап, во кој ни се придружија и продавачите. Беше забавно и срцегреачко! Секој треба да „влезе во чевлите“ на еден уличен продавач за да ја види целосната слика! – сподели Ана Голејшка Џикова, голем поддржувач на платформата за одржлив развој, „Лице в лице“.

И познатиот јутубер Стефан Лазаров, со новиот број, „од прва рака“ ќе доживее како е да си лицето на „Лице в лице“. Тој, заедно со Кристијан Марковски, продавач на списанието, ќе биде во униформата на „Лице в лице“ нудејќи го списанието на граѓаните во Скопје. Нивната дружба ќе опфати и еден социјален експеримент, кој ќе ја вклучи и публиката, а целта е подобро запознавање, меѓусебно разбирање и поддршка.

Во низа активности на „Лице в лице“ овој период се вклучија и Инстаграм блогерките, вљубенички во природата, Марија Ѓурчиновска, Стефанија Видовски и Марија Старделова.

Најновото издание на „Лице в лице“ како тема во фокус го има креирањето партнерства за развој и позитивни промени, со придобивки за сите граѓани. Носечка порака е дека меѓусебната релација и заедничките напори на бизнисот, владите и граѓанските организации, е предуслов за создавање одржливи и праведни општества.

Ништо по пандемијата на ковид-19 нема да биде исто. Годинава ја заокружуваме со екстремна сиромаштија кај околу 150 милиони луѓе на глобално ниво, па затоа тенденцијата е реосмислување на капитализмот, но и реосмислување на општествените системи, кои мора да се развиваат за да се соочат со последиците од претходните технолошки револуции што создадоа длабока нееднаквост и штета за животната средина. А, во исто време, општествените системи треба да обезбедат соодветни одговори на тековната криза и транзиција кон новата улога на бизнис-секторот во создавањето одржлива економија. Во согласност со ова, целта и на петтата револуција е воспоставување нова, генеративна симбиоза меѓу развојот на човештвото и поширокиот еколошки и економски систем – вели Климентина Илијевски, главната и одговорна уредничка на „Лице в лице“, и извршна директорка на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“, (издавач на „Лице в лице“), Климентина Илијевски, која посочува дека подобри општества се можни само преку градење партнерства.

Насловната страница на новогодишното издание на „Лице в лице“ е на фотографот Томислав Георгиев, а на кавер страницата за рубриката „И јас читам Лице в лице“, се наоѓа режисерката и сценаристка, Дина Дума, чиј филм „Сестри“ е македонски кандидат за Оскар за најдобар меѓународен филм за 2022 година.

Претходна статијаP50 Pocket е нов смартфон на преклопување од Huawei кој има и дополнителен кружен екран
Следна статија„Макпетрол“ ги награди вработените со новогодишен бонус од 30.000 денари

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.