Apple денеска ќе го одржи својот втор настан оваа година наменет за претставување на нов хардвер, односно за претставување на нови уреди. Настанот со насловот „Unleashed“ ќе се одржи само онлајн, како што се одржуваат повеќето настани изминатите скоро две години, а ќе може да се гледа со почеток од 19:00 часот по македонско време.

Настанот ќе може да се гледа преку страната на Apple, како и преку нивниот YouTube канал.

Стандардно, од самата најава за настаните никогаш не знаеме што точно може да се очекува да биде претставено. Сепак, поради традиционалното одржување на настаните, не е тешко да се претпостави што може да се очекува, а тука се и неофицијалните информации за да дадат подобра слика.

Овој настан се очекува дека ќе биде посветен на претставување на нови генерации од Mac компјутерите. Поточно се очекуваат нови генерации од MacBook Pro лаптоп компјутерите, а можно е и претставување на нов Mac mini.

Тоа што може да се покаже како најважно на овој настан е нова генерација од M1 чипот кој Apple од минатата година почна да го развива на местото на чиповите од Intel. Се работи за ARM чип, но и покрај тоа тој се покажа како одличен и сите уреди кои работат на него добиваат одлични оценки. Имаше доста видеа каде се покажуваше дека и Windows 10 подобро работи во виртуелна околина на Apple компјутер со М1 чипот, отколку на голем дел од PC компјутерите.

На овој настан Apple би требало да ја пушти и финалната верзија од macOS Monterey која веќе со месеци стандардно е достапна во бета форма.

Нова верзија од AirPods исто така се споменува во неофицијалните најави, па можно е да ја видиме и третата генерација од безжичните слушалки од Apple со надеж за некои поголеми измени.

Неофицијалните информации исто така поставуваат очекувања за дизајнот на новите уреди кои ќе бидат претставени. Главниот одговорен за дизајнот на Apple производите, Џони Ајв, во 2019 година ја напушти компанијата и основа своја, па може да се очекуваат одредени промени кои досега биле карактеристични повеќе за стилот на Ајв.  

Претходна статијаКако Samsung ја тестира издржливоста на Galaxy Z Fold3 и Galaxy Z Flip3
Следна статијаНекомпатибилните компјутери на кој е инсталиран Windows 11 добиваат надградби, барем сега за сега
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.