Покрај наредната верзија од iOS, iOS 15, Apple на вчерашниот WWDC 2021 ја претстави и наредната верзија од нивниот оперативен систем за компјутерите, односно macOS. Новата верзија од macOS е наречена Monterey и истата ги донесува новините кои беа дел од iOS 15.

Apple не се реши да направи еден систем за сите нивни уреди, па воведувањето на истите функции кај двата системи е нивниот начин за овозможување на унифицирано корисничко искуство на корисниците на различните уреди од компанијата.

macOS Monterey ги донесува новите можности кај FaceTime кои донесуваат подобрување во начинот на прикажување на учесниците во разговорите, како и можноста за заматување на позадината со Portrait mode.

FaceTime на macOS Monterey, исто како и кај iOS 15, доаѓа со новата SharePlay функција која овозможува заедничко правење на одредени активности на корисниците во повикот, како што е гледање на Netflix филм, слушање на музика и контрола на звукот, споделување на екранот и слично.

Focus е уште една новина од iOS 15 која станува дел од macOS Monterey, а истата се синхронизира низ уредите, односно ако се вклучи на еден уред, истото се пренесува и на другите.

Оваа функција во основа е понапредна Do not disturb функција и на корисниците им овозможува да изберат од кои апликации ќе добиваат известувања, ако воопшто сакаат да добиваат и во кое време. Изборот се прави преку посебни режими кои се веќе креирани, а може да се креираат и нови.

Safari исто така добива новини со новите верзии од оперативните системи од Apple. Дизајнот на табовите е целосно освежен, а тие исто така ја следат бојата на веб страната, која се пренесува и на лентата за адреси, како и search делот.

Табовите со најновата верзија од Safari ја добиваат функцијата Tab Groups, која овозможува групирање на повеќе табови, а корисниците на Chrome веќе се запознаени со што точно овозможува оваа новина.

Исто како и iOS 15, macOS Monterey ќе им биде достапен на корисниците од оваа есен, односно тие што сакаат ќе можат да ја инсталираат бета верзија од ова лето.

ИЗВОРApple
Претходна статијаApple го претстави iOS 15 со подобрувања кај FaceTime, известувањата, приватноста и уште многу повеќе
Следна статијаSeavus CodeTalks посветени на Финансиски иновации и нови технологии
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.