Apple вчера ја одржа својата WWDC 2021 конференција за програмерите и како и обично на истата беа претставени новини поврзани и со оперативните системи од компанијата. Сите системи ја добија својата нова верзија, односно истата е најавена, а корисниците може да ја очекуваат од есен.

iOS 15 беше еден од главните делови на настанот со цела листа на новости. Може да се каже дека суштински промени нема во споредба со претходната верзија, па се работи за продолжување на работата од минатата година, а секој дел од системот има добиено по некоја новина и подобрување.

Apple својата презентација ја насочи кон неколку новини кои се главни, а голем дел посвети на новините вклучени во FaceTime. Оваа апликација, која сепак кај нас има помала популарност, ги добива голем дел од функциите кои се достапни кај конкурентите, а станаа посебно популарни изминатата година.

Покрај подобрувањата во генералното искуство при видео повиците, FaceTime добива Spatial audio кое прави да се добие впечаток дека звукот доаѓа од страната на екранот од каде зборуваат учесниците во разговорот. Покрај тоа, FaceTime добива и можност за изолација на звукот од говорникот, со што нема да се слуша заднинската врева, а доколку е потребно може да се избере да се слуша токму звукот од сите страни.

FaceTime ја добива популарната можност од другите апликации за заматување на позадината за време на повик, а од Apple оваа функција ја нарекуваат Portrait mode.

Една од функциите на која од компанијата посветија повеќе време и SharePlay на FaceTime. Оваа нова функција овозможува споделување на активностите за време на разговорите, како слушање на музика, гледање на Netflix содржина, контрола на звукот, а тука е и можноста за споделување на екранот, исто така популарна функција кај конкурентните апликации.

Една од главните новини поврзани со FaceTime е што во разговорите ќе може да се вклучат и корисниците на Android и Windows, односно било кој оперативен систем, преку веб. Корисниците се што ќе треба е да го притиснат линкот од разговорот кој го имаат добиено, па ако немаат Apple уред, тој ќе се отвори преку веб прелистувач.

Messages апликацијата добива нов начин на прикажување на повеќе слики во разговорите. Тие сега се групирани во неколку форми кои изгледаат одлично, а корисниците можат да ги отворат сите, а и да реагираат на нив.

Исто така корисна и интересна нова функција е што сите добиени слики, видеа, линкови, музика и слично преку Messages, ќе имаат посебен дел во соодветната апликација, односно добиените слики ќе бидат прикажани во Shared with you дел од Photos и слично.

Известувањата во iOS 15 добиваат одреден редизајн. Тие сега ќе имаат поголеми икони од апликацијата за која се однесува известувањето, како и слики од контактите. Notification summary е целосно нова функција кај известувањата која овозможува да известувањата кои не се важни да бидат веднаш отворени, бидат прикажани во одреден период во посебно дизајниран формат.

iOS 15 донесува и можност за избор на тоа кои известувања ќе се прикажуваат преку Focus функцијата. Оваа функција им е добро позната на Android корисниците, а Apple карактеристично за нив ја воведуваат со добро смислени можности. Focus и на двата оперативни системи е понапредна форма на Do not disturb функцијата.

Корисниците ќе можат да изберат одреден период од денот или активност кога нема да им бидат испраќани известувања или тоа ќе биде само од одредени апликации.

Интересна е поврзаноста на оваа функција со Messages, каде на корисниците ќе им биде прикажувано кога другата страна ја има вклучено Focus функцијата и дека нема да бидат известени за пораката. Тие ќе имаат можност, доколку сметаат дека е важно, да по испраќањето на пораката им биде пуштено известувањето.

iOS 15 добива можност за извлекување на текстот од сликите, по што тој може да се користи, како на пример, да се заврти на телефонскиот број кој е достапен на сликата. Исто така функција достапна на Android е можноста да се пребара што е тоа што е прикажано на сликите.

Spotlight е нов дел при пребарување кој дава повеќе информации за пребарувањата, како и за контактите, како што се на пример информации за одреден филм, неговата актерска екипа и слично.

Листата на новости на iOS 15 е голема, а целата можете да ја погледнете на следниот линк.

ИЗВОРApple
Претходна статијаПобрзата алтернатива на TCP протоколот од Google официјално стандардизирана и достапна за сите
Следна статијаНовата верзија од macOS е наречена Monterey и ги донесува новините претставени со iOS 15
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.