Васил Стојчев

Скромен и културен. На 20 години го започнал својот прв бизнис. Од визитки, до сложувалки, па се’ до апликација за визуелизација и офлајн маркетинг. Секогаш спремен за нови ризици и авантури. За него излегувањето од комфорна зона е клучот за големи работи. Сака да направи револуција во офлајн маркетингот. Еве за што станува збор ?✍

1. Претстави ни се накусо ?

Јас сум Васил Стојчев, но воглавно ме препознаваат според 1000 визитки – 1000 ден.
Би се опишал главно како претприемач, организатор на бизнис и тоа главно воден од интуиција. Можеби е смешно или чудно, ама е вистина.

2. Раскажи ни за твоите почетоци ?

На 16 години волонтирав едно лето во Инфопроект. Склопував компјутери. Кога немаше работа, одев во просториите на Инфопринт. Тогаш сфатив дека сакам своја фирма, свое графичко дизајн студио. Завршив средно и војска. После тоа, во 1998 ја основав Про Дизајн. Никој не ме сфаќаше сериозно. Братучетка ми сакаше да ми води сметководство бесплатно.

Почнав како дизајн студио и тоа за македонски фирми. Нема потешка работа. Да наплатиш тогаш 200 марки и тоа само за ЦД со дизајн на него е како на некој очите да си му ги извадил. Плус јас на 20 години. Убедување, докажување до бескрај. Потоа забележав дека ако не кажам цена за дизајн посебно, тука ја кажам заедно со испечатен материјал, се’ полесно поминува. Така посредував некое време со печатници. И беше супер. Потоа купив мои офсет и дигитални печатарски машини. И се’ уште е супер.

3. На какви производи си работел? ?

Најголемите успеси во работењето ми за производи за кои некако почувствував дека имаат иднина. Првата идеја беше да пробам нов начин на работа, нов бизнис модел. Групно печатење на визитки, флаери … Го измислив “1000 визитки – 1000 денари”. Бев disruptive startup во 2004 година. Го потресов печатарскиот пазар со значајно пониски цени, а висок квалитет. Ми требаа шест месеци интензивно рекламирање и работење со загуба. Се’ со цел да освојам критична маса за бизнис моделот да почне да функционира. И се’ уште функционира. Се’ уште ги печатиме најквалитетните визитки на пазарот.

Вториот производ, што не знам зошто го почнав тогаш, беа сложувалки. Едвај обезбедив нож за сечење на сложувалките, се’ некако одеше против мене. Ама кога почнувате некоја работа и тешко оди, тоа е знак дека ќе има голем успех. И имаше. Ги понудив на А1 и интензивно изработував сложувалки за нив 2 години. Ги ставаа во Pokemon смоки и даваа моторчиња.

Васил Стојчев

3. Кои се плановите за во иднина? ?

Моментално, со Никола Миноски работиме на апликација за визуелизација – InHouse Gallery. Многу тешко оди, но тоа ме радува. Ако е лесно, не е интересно. Експериментирам со целни групи, учам попатно. Целиот проект се трансформира во насоки дадени од клиентите и доста се разликува од тоа како почнавме. Ќе се кристализира уште малку. Имаме некој bootstrapping на Android , ама заглавивме со IOS верзијата. Потребни ни се IOS развивачи. Заедно со апликацијата оди и најсофистицираната визитка за уметници.

Покрај ова, нов проект ќе ми биде офлајн маркетинг за фриленсери (не е грешка, прочитавте ОФлајн). Зошто офлајн? Затоа што онлајн конкуренцијата е се’ поголема и посурова. А личниот контакт со потенцијалниот клиент, со добро претставување, значи сигурна зделка. Но, за ова наскоро.

4. Што имаш да ги советуваш или да им порачаш на читателите на Смартпортал? ✊

За успех се потребни две работи. Фокус и упорност. Ако знаеш што сакаш и каде сакаш да стигнеш, ништо не е невозможно. Исто така, внимавајте да не влезете во комфорна зона. Потоа, соочете се со стравовите. Мојот беше јавно говорење. Го победив. Јас си знам како. Од мотивациски спикери ги препорачувам Bryan Tracy од постарите и се разбира Gary Vaynerchuck од поновите. Како филм – лектира за претприемачи, го препорачувам “Founder”, филм за развојот на McDonalds. Често подржувам настани и поединци, стартапи, уметници… Отворен сум за платени пракси и сите кои мислат дека можеме да имаме соработка.

Следете го Смартпортал на социјалните мрежи ✌

Претходна статијаAndroid Wear преименуван во Wear OS by Google
Следна статијаApple ја обајви датата на промоција на новите MacBook, iPad и iOS 12