Apple оваа недела ја пушти изгледа последната верзија од iOS 11 пред претставувањето на iOS 12. Најновата верзија ја носи бројката 11.4 и е достапна за инсталирање на сите поддржани уреди, односно iPhone 5s и понови, iPad mini 2 и понови, iPad Air и понови, како и на шестата генерација од iPod Touch. Во основа, сите уреди кои веќе ја користат верзијата 11.3.1, можат да го надградат својот уред на најновата верзија.
Главната новина која ја донесува iOS 11.4, односно главната која би ги интересирала корисниците од Македонија, е можноста за синхронизирање на Messages во iCloud.
Ова е можност која што веќе одамна е стандардна за повеќето апликации за разговори, а Apple ја најави пред една година, па чудно е што дури сега станува достапна.
Моментално, сите разговори во Messages се чуваат посебно на секој уред каде што е инсталирана апликација. Со новата надградба, доколку се вклучи синхронизирањето со iCloud, пораките ќе се чуваат на едно место во „облакот“, па со тоа ќе се добијат сите предности на оваа технологија.
Тоа значи дека пораките веќе нема да заземаат простор на уредот, бришењето на порака од еден уред ќе ја избрише таа порака на сите други, а најавувањето со нов уред, веднаш ќе ги има сите пораки од другите уреди.
iOS 11.4 ја донесува и втората верзија од AirPlay, односно AirPlay 2. Оваа верзија овозможува поврзување и контролирање на повеќе звучници и паметни уреди од едно место, како и поврзување на два звучници за креирање на стерео звук.
Дечките од Macrummors имаат направено убаво видео за што се е ново во iOS 11.4, па можете да го погледнете во продолжение. Инсталацијата на новата верзија од оперативниот систем, како и секогаш, се прави преку самиот уред.