Замислете си Македонски Телеком или ВИП да забранат пристап до апликации како Фесјбук, Вибер или Вацап. Тоа е остварување на дистописко сценарио кое сигурно нема да помине лесно покрај македонските корисници.
Се повеќе се потпираме на Вибер и слични апликации за комуникација со своите пријатели и најблиски. Оттаму, зачудувачка е информацијата дека Roskomnadzor (руската државна агенција за комуникации) им нареди на руските интернет провајдери да ја забранат употребата на Телеграм. Тоа и не е толку големо изненадување ако се знае начинот на кој руските власти се однесуваат со интернет слободите на тамошните корисници.
Телеграм е една од најсигурните чет апликации кои постојат во моментов. Апликацијата ги има сите опции кои ги имаат и нејзините конкуренти како Вацап или Вибер. Со една клучна разлика: Телеграм е многу, многу побезбедна. Вацап можат коклу сакаат да се фалат со нивната модерна енкрипција и непробојни пораки и податоци на своите корисници. Но, самиот факт што беа купени од Фејсбук пред неколку години (за баснословна сума), е доволна причина за сомневање во нивните фалбаџиски изјави.
Без оглед на тоа, овој потег на руските власти е преседан во модерно време, каде што корисниците треба да имаат слобода на избор да ги употребуваат апликациите коишто најмногу им одговораат. Да, Телеграм и сличните апликации секогаш ќе бидат прибежиште на оние кои што сакаат да шират зло низ светот. Меѓутоа, тоа не треба да биде причина за да се лишат останатите корисници од уживање на нивните благодети.
Останува дилемата дали судот во Русија одлучил да ја забрани употребата на Телеграм поради „безбедносни“ причини или пак нешто друго е во игра? Да ги погледнеме фактите.
Минатата година, руската влада побара од Телеграм да им ги врачи нивните клучеви за енкрипција. Телеграм смирено одби да го стори тоа.
Ако тоа не ги налути руските власти, можеби ги налутило тоа што Телеграм е една од најкористените апликации во Русија (15 милиони корисници), покрај Фејсбук (25 милиони корисници).
Покрај тоа, челник на компанијата-сопственик на некои од поголемите конкуренти на Телеграм во Русија (ICQ и TamTam) е близок соработник на рускиот претседател, Владимир Путин. Сега работите стануваат појасни.
Во борбата за профит и контрола врз слободата на мисла и изразување на рускиот народ, народот губи. Се надевам дека истиот начин на резонирање нема да се прошири и во остатокот од најголемите европски земји.