Отвораш очи разбуден од алармот, френетично го бараш телефонот за да удриш снуз. Го повторуваш тоа неколку пати само за да сфатиш дека веќе касниш на работа. Стануваш во брзање, те нервираат ситници и кога стигаш на работа веќе се чувствуваш психички заморен. Вака изгледа утрото за многумина од нас.

Ваквата рутина креира стресно темпо кое ни го диктира денот. Сепак, тоа лесно можеме да го промениме со менување на некои од нашите навики. Од оваа причина, ја почнувам оваа рубрика преку која можеме да се инспирираме од секојдневниот начин на живеење на ултра-продуктивни јавни личности. Тоа се луѓе кои и покрај тоа што се на највисоките позиции и се соочуваат со огромни стресови и притисок од јавноста, издвојуваат време за себеси и водат грижа за своето физичко и ментално здравје.

Ако тие можат да го сторат тоа, тогаш можеме и ние. Започнуваме со Џек Дорси, ЦЕО на Твитер, кој се наоѓа во проблематични времиња. Твитер е жестоко критикуван дека селективно се справува со говорот на омраза кој го шират некои корисници. Хејтерите велат дека Твитер ги штитат „своите“, т.е. Демократите, а дека ги банираат Републиканците.

Вака изгледа неговиот типичен ден.

0600 Будење и ладни тушеви

Дорси секое утро се буди помеѓу 6.00 и 6.30 часот и се тушира исклучиво со ладна вода. Тој вели дека правејќи ја оваа мала работа која предизвикува голема непријатност, се чувствува способен да направи што било друго (туширањето со ладна вода има и повеќе други предности кои може да ги прочитате ОВДЕ).

0630-0730 Медитација и пешачење

Дорси секое утро медитира по еден час (практикува Випасана медитација). Човекот медитира веќе 20 години, а има посетено и неколку silent retreats. Потоа, тој пешачи до работа околу 8 километри (му треба саат и пол да стигне до работа), освен вторник и четврток, кога работи од дома. Додека пешачи, тој слуша аудио книги, подкасти или само размислува.

1830 – 2100 Постење

Тој практикува наизменично постење (нешто за што сме пишувале претходно). Јаде еден оброк дневно, вообичаено помеѓу 18.30 и 21.00 часот. Овој вид на постење се нарекува OMAD (One Meal a Day). Неговата исхрана наликува на Палео исхраната, со конзумирање претежно протеини и зеленчук. Тој вели дека ваквата исхрана го прави пофокусиран во текот на денот, а и полесно заспива навечер.

2100 Вежбање и сауна

Секоја вечер, Дорси ја поминува 7-минутната рутина на вежбање 2-3 пати. Потоа, тој влегува во сауна (100 степени) 15 минути по што нурнува во када со многу ладна вода (1-2 степени).

2300 Повторно медитација и пишување во дневник

Секоја вечер тој медитира повторно еден час. Пред легнување, пишува во дневник.

И покрај сето ова, тој успешно ја води една од највлијателните и најпопуларни компании на денешницата. Можеби токму тоа е дел од причината за неговиот успех.

Претходна статијаNASA успешно го заврши тестирањето на хеликоптер кој ќе лета на Марс
Следна статијаXiaomi втор пат го прикажува нивниот телефон со екран на превиткување