Што е „наизменично постење“?

Се работи за начин на исхрана во кој внесуваш калории во ограничен број на часови во денот (јас најчесто го следам Leangains – 16:8 – методот). Тоа изгледа вака: го јадеш првиот оброк во 12 часот, а последниот оброк во 20 часот. Потоа, воопшто не внесуваш калории 16 часа. Нула. Наредниот оброк ти е во 12 часот наредниот ден.

Важно е да се има на ум дека наизменичното постење не е диета. Додека се хранам на овој начин, го јадам она што вообичаено го јадам, без преголеми ограничувања. Вообичаено, оброците ми се поголеми, бидејќи имам краток прозорец на исхрана. Кога го јадам првиот оброк во 12, немам апетит до попладне, кога го јадам последниот оброк.

Појадокот не е најважен оброк во денот

Постењето е полезно од повеќе причини. За почеток, го менува начинот на кој гледате на храната. Кога ќе поминете 16 часа без да јадете, воочувате дека не е ништо страшно да се „гладува“ определен период во текот на денот. Дополнително, ова е одличен начин за губење на килограми. Во последниот месец и пол, ослабев 5 килограми следејќи го ваквиот начин на исхрана. Притоа, не се лишував од јадење на храната што ми се допаѓа.

Кога јадеме, нашиот организам го обработува оброкот кој сме го изеле. Обработката на храната трае отприлика 3 до 6 часа (зависно од тоа колкав бил оброкот). Притоа, нивото на инсулин во крвта се зголемува, и телото тешко согорува масти.

Кога постиме, телото не процесира калории, со што нивото на инсулин се намалува. Во овој случај, лесно е за телото да ги согорува мастите баш поради ниското ниво на инсулин во крвта. Телото ги согорува мастите што не му биле достапни претходно, бидејќи било презафатено со обработка на последниот оброк. Доколку јадеме на секои 2-3 часа, телото постојано ќе има „работа“, а килограмите ќе останат исти (или ќе се зголемат).

Leangains daily intermittent fasting                                    Како изгледа 16:8 методот во пракса

Она што е кул кај наизменичното постење е и тоа што не се оптоварувате околу тоа што ќе јадете секое утро. Едноставно знаете дека нема да јадете ништо. Покрај ова, предностите за нашето здравје ако постиме подолг период се бесконечни – намалување на маснотии, зголемување на мускулна маса, зголемен фокус и концентрација, понизок холестерол. Дури постојат индикации дека е полезно за зголемување на животниот век, ублажување на симптомите на Алцхајмерова болест и намалување на ризикот од заболување од рак.

Што смеам да конзумирам кога постам?

Вода (може и минерална). Кафе (без шеќер). Дозволено е и конзумирање на Кока Кола Зеро (нема калории).

Како да почнам?

Како и со секоја навика, почни со мали чекори. За почеток, скокни го појадокот.

Сметам дека е најлесно да го имате првиот оброк во 12 часот, а последниот оброк во 20 часот. Распоредот ќе варира кај секого, зависно од работните обврски и начинот на живеење. За мене, овој начин е најприменлив.

На почетокот ќе чувствувате глад. Тоа е нормално. Прифатете дека не е ништо страшно. После неколку дена ќе стане полесно. Откако го следев 16:8 методот десет дена последователно, не можев да помислам на храна до 12 часот. Ако некој пат не успеете да издржите 16 часа, вратете се во колосек наредниот ден.

Повторно, ништо страшно. Има периоди кога не го следам ваквиот начин на исхрана. Но, кога сум бил дисциплиниран, резултатите биле видливи.

Без разлика на вашите фитнес цели, дајте му шанса на наизменичното постење. Ќе го промени вашето тело, и ќе го промени вашиот однос кон храната. На подобро.

Дополнително читање

Водич за почетници (Nerd Fitness)

Вебсајтот на „таткото“ на 16:8 – Мартин Беркан

Претходна статијаAndroid 9 Pie со новиот One UI од Samsung почна да станува достапен за Galaxy S9
Следна статијаSamsung ги проширува своите партнерства и центрите за сертификација градејќи свој HDR10+ екосистем