Забрзаниот раст на технологијата значи дека различни ентитети можат да ја употребат за лоши цели (читај: НСА). Сепак, истиот раст ни овозможува начини на кои можеме да го подобриме својот живот, a кои само до пред неколку години не ни беа на дофат. Тука не ги вбројувам Фејсбук, Скајп, и др. апликации без кои денес не можеме да си го замислиме секојдневието.

Покрај овие, постои друга категорија на апликации поврзани со најразлични аспекти од нашиот живот. Сакаш да бидеш физички поспремен/а? Има апликација за тоа. Сакаш да си ја подобриш меморијата? Има апликација за тоа. Сакаш да научиш да зборуваш италијански? Ми ја сфаќате поентата.

Прв чекор кој треба да го остварите за да дознаете кои алатки се за вас, е да ги идентификувате трите области во кои најмногу сакате да видите напредок, или промена во вашиот живот. Откако ќе го сторите тоа, тогаш можете да прејдете кон потрага по апликации кои се соодветни на вашата цел.

Апликациите ги поделив во три категории: (1) фитнес, (2) стекнување на подобри навики (или откажување од лоши), и (3) продуктивност, како категории кои верувам дека се најчесто споменувани во овој контекст (и зашто често користам апликации што спаѓаат во овие категории).

За да не ве оптоварувам во еден единствен напис, првиот дел од оваа серија ќе се фокусира само на апликации од првата категорија.

ФИТНЕС

Nike+ Running

Одлична апликација за да мерите колку КМ сте истрчале, колку калории сте потрошиле и со која брзина трчате на патеката. Една кул работа што ја открив користејќи ја Nike+ Running е што апликацијата приметува кога чекорите, а кога трчате. Оттаму, апликацијата автоматски прекинува со мерење на времето поминато во трчање кога на пр. ќе застанете да земете здив или сте помеѓу интервали на спринтови. Се разбира, како и повеќето апликации и со оваа можете да се фалите на различни социјални мрежи со вашето рекордно истрчано време.

Алтернатива: Zombies, Run! е фантастична апликација која силно се потпира на игрификација за мотивирање на корисниците да дадат максимум напор кога трчаат. Иако малку садистичка по природа, апликцијата е една од поинвентивните во оваа смисла. Во сред трчање, таа од никаде ќе ве извести дека кон вас се движи орда на зомби, и дека мора да почнете да спринтате за да не бидете, нели, изедени. Ако изгубите (читај: бидете изедени) тогаш губите поени и рејтинг, што дополнително мотивира да трчате како да нема утре.

Calorie Counter – MyFitnessPal

Одлична придружна апликација на Nike+ е My Fitness Pal со која можете да водите сметка на вашата исхрана. Ги внесувате вашите сегашна тежина, висина, и тежина кон која целите, и потоа ги внесувате оброците што сте ги изеле во текот на денот. Апликацијата ви дава една убава графа на која е прикажан соодносот помеѓу јаглехидратите, протеините, и мастите што сте ги изеле дента.

Кул опција е што апликацијата има вграден баркод скенер, со кој можете да ги скенирате пакуваните производи што ги купувате од маркет и да ги видите нивните макронутриенти, наместо да ги внесувате рачно. Истиот го имам употребувано на најразлични производи што сум ги купил од Веро (Баланс јогурт, протеин бар од Виталија, и Битолско млеко) и можам да кажам дека податоците што ги генерира во просек се околу 80 – 90% точни.

Алтернатива: Една од најосновните (и најзанемарени) работи што може да ги направите за да си го подобрите здравјето е да пиете повеќе вода. Aqualert:Water Reminder H2O, апликацијата со непотребно сложено име, ве потсетува кога ќе забележи дека имате испиено премалку. Aqualert ви кажува кои се предностите од пиење поголеми количини од оваа течност, и ве мотивира да стигнете до посакуваниот број на испиени чашки. Едноставно, но ефикасно.

Jawbone Up

Иако дизајнирана да работи со Jawbone Up алката, постои апликација која може да се користи независно од тоа дали поседувате ваква алка. Jawbone Up е all-around апликација со која може да ги мерите изодените чекори, да мерите колку време сте спиеле (и колку од ова време сте го поминале во длабок сон) и ред други работи.

Исто како и My Fitness Pal, и оваа апликација има баркод скенер, но не е исто толку прецизен, а и во споредба со My Fitness Pal има далеку помала датабаза на прехрамбени производи. Сепак, таму каде што Up сјае е начинот на кој дава препораки врз основа на времето и квалитетот на вашето спиење, и бројот на изодени чекори. Можете да влезете и во натпревар со своите пријатели, и да мерите кој повеќе чекори ќе изоди во даден ден.

Алтернатива: Fitocracy е исто така моќна апликација која повеќе делува како ваш личен тренер за вежбање. Истата содржи стотици вежби кои ќе ви помогнат да ги остварите вашите фитнес цели. Тоа што е интересно кај Fitocracy е што ве третира како лик-херој од видео игра.

Апликацијата дозволува тргнување на quests, и преминување кон повисоки нивоа зависно од бројот на поени што сте ги заработиле со завршување на овие потраги. Со платената опција (почнувајќи од 1 долар месечно) можете да најмите личен тренер кој ќе ви дава совети за вежбање, и исхрана, зависно од типот на вашето тело.

Користејќи ги горните апликации, можете да тргнете кон подобрување на своето здравје, и квалитет на живот. Во наредниот напис, ќе видиме како можеме поефикасно да стекнеме посакувани навики.

Претходна статијаOne A9 е нов телефон од HTC, кој неодоливо потсетува на iPhone
Следна статијаSony Xperia Z5 е новиот крал на камерите кај телефоните, iPhone 6S само просечно на тестирањата