54cb16a17afad_-_roadster-battery-0713-de

Електричната енергија е еден од најефикасните начини на пренесување и употреба на енергија што човештвото го има создадено. Електричната мрежа е распоредена насекаде каде што има цивилизација и урбани услови за живеење, и таа не` снабдува со потребната енергија за да работат сите апарати во домаќинството. Користењето на електричната енергија си има свои проблеми.

Еден од главните проблеми со електричната енергија е нејзиното складирање, или да цитирам „кој ќе успее да складира громови и да ги продава ќе стане најбогат човек во историјата“. Па сепак, ефикасен начин за складирање електрична енергија се` уште не постои. Складирање на големи количества енергија изискуваат големи акумулатори кои се скапи и незграпни.

Од друга страна, постојат истражувачи и пронаоѓачи кои работат на „складирање громови“. Меѓу нив е и компанијата Tesla на Елон Маск. Тој на последната конференција за заработка изјави дека работат на батерија која ќе овозможи неколкудневно снабдување на целото домаќинство со електрична енергија. Иако некаде електричната енергија е прилично евтина, таа сепак е доволно скапа за пазарот да бара решенија на акумулација со кои може да ја стабилизира потрошувачката и со паметно прилагодување да ја намали.

Инаку Tesla веќе започна со инсталирање на вакви батерии во некои поголеми бизнис објекти, како тие на Wallmart. Тие ги инсталираат батериите во комбинација со сончеви панели со што овозможуваат на бизнис објектите да ја оптимизираат потрошувачката на енергија. Во времиња на флуктуација на цената и нејзино зголемување тие ја трошат акумулацијата и така намалуваат на цената што ја плаќаат.

Секако дека во ваквата убава идеја ќе очекуваме проблеми. Веќе подолго време во развиените западни општества луѓето кои се поврзани на мрежата можат да продаваат електрична енергија назад, ако ја произведуваат преку сончеви панели, ветерници, турбини и слично. Некои од стандардните произведувачи се обидоа да плаќаат помала цена за ваквата „вратена“ енергија од таа што ја продаваат тие самите, но тоа беше начекано со протести. Треба да се очекува дека старите играчи ќе се бунтуваат против ваквите решенија, но нивното бунтување и узурпирање на пазарот нема да може да трае долго и ќе мора или да се приспособат или да им запре бизнисот. Колку повеќе ги притискаат луѓето да останат зависни од нив толку повеќе луѓето ќе нарачуваат вакви батерии со кои ќе можат да акумулираат енергија за да зависат што помалку од инсталираната мрежа.

Се` уште нема доволно детали за ваквата батерија на Tesla, но очекуваме да се објават уште информации во блиска иднина. Засега се знае дека Маск заедно со другите од Tesla работат на создавање на фабрика наречена Gigafactory, од која цели 30% ќе бидат посветени на ваквите батерии, а останатите на електричните автомобили. Иднината на енергијата станува се` поинтересна, особено во комбинација со стекнување енергија од обновливи извори, како на пример, од Сонцето.

Извор: Dailykos, The Verge, Washington Post

Претходна статијаApple ќе прави електричен автомобил?
Следна статијаImmersis – Виртуелна реалност во целата просторија