model-s-photo-gallery-02

Tesla, производителот на најпознатите целосно електрични возила, оваа недела претстави нови модели од својата Model S серија. Всушност се работи за можност за избор од додатни опции кои што на корисниците ќе им дадат поголем избор на вид на мотори, како и опрема за безбедност. Новите модели ја содржат буквата D како додаток на името на нивниот модел, поради што и уште се нарекуваат Model D. Оваа буква се однесува на двојните мотори кои што се дел од новата понуда, кои што овозможуваат погон на сите тркала. Недостатокот на модели со погон на сите тркала беше еден од недостатоците на Tesla моделите во споредба со одредени конкуренти.

Досегашните Model S автомобили имаа погон на задните тркала, а истите се’ уште остануваат како дел од понудата. Погонот на сите тркала, за разлика од обичните автомобили, ќе биде овозможен преку додавање на уште еден мотор на предната страна. Со тоа, покрај овозможувањето на погонот, моделите ќе имаат можност да поминат повеќе километри на едно полнење, а исто така и подобро забрзување.

Тука посебно се истакнува најјакиот модел од понудата, Model S P85D кој што за разлика од претходниот P85 модел, вклучува вкупно 691 коњска сила и забрзување од 0 до 100 km/h за само 3,2 секунди.

Покрај двојните мотори, моделите на тесла ќе бидат опремени со нов систем за безбедност наречен Autopilot. Овој систем е составен од низа на сензори како што се камери, радар и 360 степен ултрасоничен сензор, кои што активно ги следат случувањата во околината и реагираат секогаш кога тоа е потребно. Autopilot има можност да го следи движењето на возилото во лентите, да кочи во итни случаи, како и сам да го паркира возилото.

ui_category_standard_equipment_medium

Ваквите системи се сметаат како наредниот чекор кон остварувањето на идејата за автомобили кои што самите ќе можат да управуваат. Во оваа фаза, системите овозможуваат подобрување на безбедноста преку реагирање во ситуациите кога возачот не е во можност или едноставно не успева да ја забележи ситуацијата.

Извор: Tesla, The Verge, Bloomberg

Претходна статијаНајновата верзија на Google Play продавницата надградена со повеќе Material Design
Следна статијаЕко-велосипед ви овозможува да дишете чист воздух дур возите
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.