За да пропатувате од Лондон до Сиднеј, Австралија ви требаат одприлика 30-тина часови. Тоа се 30 часови седење, тегнење куфери од еден до друг лет и генерално, 30 часови малтретирање. Кога ќе помислите дека на враќање исто така ќе ве чекаат 30 часови, веројатно ќе се одлучите да си останете во Лондон.
За среќа, инженерите работат на подобрување на авионскиот транспорт на патници. Па така германската вселенска агенција DLR го објави својот најнов концепт за суперсоничен авион кој би требало да го скрати ова патување на 90 минути! Се работи за SpaceLiner, модуларен дводелен авион кој би работел на ракетна технологија. Тој би полетувал под одреден агол и би дошол до висина од 80 километри над Земјата, во Мезосферата. Потоа на оваа висина би пловел дури не се доближи до потребната локација, по што би се нурнал назад во пониските слоеви на атмосферата.
Издигнувањето на оваа висина има многу предности. Атмосферата е суперретка, па тоа овозможува отпорот при летање да е скоро непостоечки. Поради тоа што е толку оддалечен од Земјата, надворешната температура е многу ниска и SpaceLiner ќе може да се лади доволно. Недостатоците секако дека постојат. Имено, не постои ниту теоретски шанси патниците да се спасат ако се случи катастрофална несреќа, но не постојат ни големи шанси да се спасат ни при „регуларните“ несреќи со авиони.
За да помогнат во решавање на овој безбедносен проблем од DLR предлогот е авионот да биде дводелен, како што напишавме погоре. Тоа значи дека е составен од два дела, од кои патничкиот може да се оддели од другиот и да се врати назад на Земјата во случај на незгода. Точно како би го остварил ова не се знае, но не се сомневаме во инженерската генијалност.
SpaceLiner би требало да пренесува до 50 патници, што е подобрување во однос на новиот дизајн од Airbus кој ќе има капацитет за само 20 (супербогати) патници, а најрано би влегол во производство тек за некоја деценија.
Извор: IFLScience, Phys.org