black_hole_reinvention
Црната дупка според аниматорите и научниците ангажирани за филмот „Меѓуѕвезден“ (Interstellar)

Замислете си ја следнава ситуација – летате слободно низ вселената. Одеднаш почнува да ве влече необјаснета гравитациона сила кон, наизглед, празна и темна точка. По некоја секунда ве облева страв бидејќи сфаќате дека сте влегле во гравитационото поле на црна дупка и дека шансите да излезете се минијатурни, а непостоечки ако веќе сте влегле во хоризонтот на случувања. Се нервирате зошто не можете да стиснете лајк на Фејсбук бидејќи ниту електромагнетното зрачење не може да ја избегне црната дупка и се помирувате со себеси бидејќи вашето бавно-брзо уништување е на повидок. Во црната дупка вие ќе бидете тотално уништени како материја. Но, дали?

Спојот на генералната релативност и квантната механика го „создаде“ информациониот парадокс. Имено, според генералната релативност, целиот материјал кој бива привлечен од црната дупка е натиснат и уништен кога влегува во неа поради огромната гравитација. Од друга страна, квантната механика вели дека информацијата не може да биде уништена. Според Хокинг, решението се наоѓа во хоризонтот на настани на црната дупка.

Според него, информациите (материјата, енергијата итн.) која влегува во хоризонтот на настани не бива уништена туку останува заробена таму во еден вид 2Д холограм на 3Д информација. Ваквата информација е заробена и може да излезе преку Хокинговата радијација, ако фотоните кои понекогаш зрачат од црната дупка ја понесат со себе. За жал, ова не значи дека постои можност да излезете од страшниот фат на црната дупка. Вашата информација ќе биде „зачувана“, но нема да може да излезе нормално – па дури и ако излезе преку Хокингова радијација, поради нејзината случајна структура таа нема да „личи“ на ништо предходно што влегло.

Сепак, би било интересно научниците да направат симулација на визијата која би ја имал човек кој би влегол во хоризонтот на случувања на црна дупка. Филмот „Меѓуѕвезден“ (Interstellar) се обиде да го прикаже тоа, но колку е веројатен ваквиот приказ е се` уште добро прашање.

Извор: New Scientist, IFLScience, Engadget

Претходна статијаSpaceLiner – германски предлог-дизајн за суперсоничен авион
Следна статијаStartup Festival: Startups from dusk till dawn