fingerprint-1

Биометриска идентификација – област која активно се рекламира како таква која ќе делува за „подобрување“ на безбедноста на уредите и просториите во кои се движиме и работиме, но од друга страна одличен извор за идентификација на милијарди луѓе низ светот без нивно знаење. Да не ги спомнуваме и стерилните ефекти на тотална контрола кои веруваме дека на никој не му се потребни (освен можеби на безбедносните агенции со своите веќе хистерични повици за „зголемување на безбедноста“ преку кратење на слободите и правата).

Во најновата приказна од оваа сага, производителот Sonavation успеа да смести сензор за одпечатоци од прсти во Gorilla Glass. Ова е остварено преку користење на технологијата на ултразвук за да се осети површината на прстите, и со помош на истиот нема разлика дали прстите се чисти, замастени или мокри бидејќи успешно ги открива одпечатоците во секој случај. Според главниот технолошки офицер на Sonavation, оваа технологија е „добро прилагодена за откривање на одпечатоци низ стакло и специфично дизајнирана за да донесе напредна безбедност и лесна интеграција кај преносни и Интернет-на-работите уреди“.

Со ваквата технологија ќе можете безбедно да го одклучите вашиот преносен уред без да се плашите дека некој друг би можел да го чепка, што секако е позитивен развиток. Воедно истото може да се инсталира и во вашата влезна врата за да ја отворите само со допирање со прстите, или на прозорецот од автомобилот за да се отклучи, како и на екраните од паметните телефони, нешто што веќе се најавува за новите модели од iPhone. Кој производител на преносни уреди ќе го земе прв да го искористи овој скенер во својата линија на производство останува да видиме.

Тоа што главниот технолошки офицер не го кажува е што ваквата технологија ќе може да се вгради во секој уред кој има тенко стакло како површина и постојано да ги зема одпечатоците од луѓето кои се фатиле за него, како на пример, од рачки за во подземна железница, стакла од излози, чаши во барови и кафулиња и слично. Постојаното пренесување на ваквите информации ќе овозможи градење на динамична мрежа која во реално време ќе може да покажува каде точно се наоѓа некој човек и што прави, што ќе го означува еден од последните поздрави против приватноста.

Извор: The Next Web, 9to5Mac

Претходна статијаПрекрасна нова фотографија од Земјата
Следна статијаДали би се возеле по коловоз изграден од пластика?