4387

Повторно имаме интересен и по малку „луд“ проект од Холандија, каде што градот Ротердам заедно со компанијата VolkerWessels се здружија за да почнат со заедничка работа на прототип на пластичен коловоз наречен PlasticRoad. Да, добро прочитавте – коловоз кој ќе биде изграден од пластика и кој лесно ќе може да се поправа, па и да се заменат цели парчиња со мали трошоци.

Се работи за квадратни парчиња кои се „сложуваат“ едно во друго како Lego коцки (или сложувалка) и кои ги остваруваат сите функции на еден асфалтиран пат, па дури и повеќе од стандардните. Имено, парчињата пластичен пат во својата внатрешнина имаат шуплина во која може да се сместуваат цевки, податочни кабли, електрични водови, системи за ладење и греење и други слични додатоци кои би можеле да остваруваат различни фунцкии, а воедно да штедат простор и пари за монтирање.

Проектот е дополнително еколошки со тоа што се планира пластичните парчиња да се изработуваат од пластика која би се собирала од светските океани како ѓубре, што значи ќе има рециклажа на ѓубрето и почиста животна средина. Пластиката може да се направи да не загадува преку испуштање на материи од себе, па таа ќе биде еколошка и за околината каде би била инсталирана.

Исто така, горната површина на пластиката секако може да се обои или да и` се постави текстура слична на асфалтиран пат, па вие воопшто да не приметите дека возите по пластичен. Дополнително, на горната површина можат да се постават сончеви панели кои би прибирале сончева енергија и би ја претворале во електрична или топлинска, нешто за што сега се користат огромни површини земјиште, а може да се користи едноставно веќе изградената патна инфраструктура која нема да се смени во блиска ниту средна иднина.

Според VolkerWessels, нивниот прототип на пат може да издржи температури од -40 до 80 целзуисови степени, а патот е отпорен на корозија и оштетување од временските услови. Дополнително, бидејќи ваквите парчиња го пренесуваат товарот врз целата своја површина се добри за искористување врз лош квалитет на земја, како таква со песок или мочуришна со подземни води. Идејата е истите да бидат произведувани во фабрика по спецификација и потреба, а потоа да се носат на лице место и да се монтираат, штедејќи време за монтажа, ресурси и цена на материјал.

Инаку, ова не е прв пат да се гради „пластичен“ пат, и веќе слична идеја е искористена во Индија, во државата Химахал Прадеш:

Градот Ротердам работи напорно на подобрување на патната инфраструктура, но некои градови сметаат дека тоа е непотребен труд кој би можел да се искористи, на пример, за градење неподвижни галии на главната градска река. Секој град и општество со своите приоритети.

Извор: IFLScience, The Guardian

Претходна статијаСензор за одпечатоци од прсти за прв пат сместен во Gorilla Glass
Следна статијаТим Кук: Најголема бројка досега на Android корисници кои преминуваат на iOS