Моменталната опсесија на вселенските програми е со Марс, што е оправдано имајќи предвид дека црвената планета е далеку попристапна за остварување истражувања или човечки населби на неа. Но не многу внимание се посветува на една друга блиска планета до нас, Венера. Сега НАСА сака да го смени тоа со нивното „возило“ наречено HAVOC.
HAVOC (High Altitude Venus Operational Concept) e вселенско летало кое треба да лебди во орбита околу Венера. Ова тоа треба да го оствари со полнење на балон со хелиум кој ќе овозможи ова летало да лебди на висина од 50 километри над површината на Венера, така избегнувајќи ги непогодните услови на површината, а сепак задржувајќи дел од атмосферата како заштита од сончевото зрачење.
Венера, како што знаеме не е баш најпријателското место за луѓето и за човековата опрема и најмногу што некоја сонда има преживеано, а која ја имаме испратено е околу два часа. На нејзината површина постојано има бури, а атмосферскиот притисок е 92 пати поголем од тој на Земјата. Спојувајќи го ова со фактот дека Венера е поблиску до Сонцето што предизвикува површината да развива многу повисоки температури од Земјата (просечна температура од 462 степена), ја прави Венера не многу пристапна за луѓето.
Идејата на НАСА е нешто налик на Вселенската станица МИР – постапно испраќање на астронаути во орбита околу Венера кои на крајот ќе оформат постојано место за живеење т.е. вселенски град. На далечината од 50 км од површината гравитацијата ќе биде малку помала, но не и неиздржлива за луѓето, помагајќи да не се случуваат типичните нус-ефекти на нулта гравитација – распад на коските и мускулите.
Воедно овој „град“ може да биде точка за поттик на развитокот на технологијата за населување на Марс. Според Крис Џоунс од Ленгли истражувачкиот центар во НАСА, „Венера има вредност како дестинација самата по себе за истражување и колонизирање, но исто така е комплементарна на сегашните планови за Марс. Ако ја освоиш прво Венера може да заработиш напредок во технологии и можностите пред постигнувањето на човековата мисија на Марс. Тоа е шанса да се направи пробен лет, ако сакате, од одењето на Марс“.
Останува да видиме како ќе се оствари оваа замисла на НАСА и дали ќе ја претрка колонизацијата на Марс.
Извор: CNet, Designboom, Engadget