4fc6015026353815d8cdfe128621e36f_large

Велосипедизмот е една од многуте работи кои што добиваат доста со развојот на технологијата, односно нејзиното вклучување во работите и нивно ставање во категоријата на паметни. Веќе можевме да видиме повеќе модели на паметни велосипеди или паметни уреди наменети за нив, но тоа не значи дека развојот на истите во главно го имаме видено и дека не може да биде претставено нешто што ќе ни го привлече вниманието.

COBI, што претставува кратенка од Connected Bike, е нов паметен систем наменет за велосипедите. Во својата основна форма доаѓа со еден главен уред, контролер/копчиња за палецот и апликација за мобилен. Зависно од потребите на корисникот, како и развојот од страна на трети компании, системот поддржува поврзување на многу повеќе додатни уреди кои што вршат разни функции.

Еден пример за додатен уред е можноста за поврзување на задно светло кое што свети појако кога акселерометарот во главниот уред ќе забележи дека велосипедот ја намалува брзината. Исто така ова светло служи и како трепкач кој што ја покажува промената на правецот на движење.

cobi-hub

Главниот уред на COBI доаѓа со држач на кој што се поставува мобилниот телефон на кој што е инсталирана апликацијата за користење на системот. На него исто така е поставено светло кое што автоматски се вклучува зависно од условите надвор. На едната страна на воланот се поставува контролерот на кој што се поставени повеќе копчиња, кои што можат да бидат програмирани што да прават, а се наменети за полесно контролирање на системот при возење, наместо користење на екранот на допир на телефонот.

cobi-contr

Со апликацијата како што и би се очекувало, корисниците можат да ја гледаат брзината на возење, да користат навигација, да ја следат временската прогноза и многу повеќе.

Системот исто така вклучува можност за обезбедување на велосипедот со вклучување на светлото и аларм звук доколку некој се обиде да го украде. На почеток системот ќе може да работи со iPhone 5, 5C, 5S, 6, 6+ / Samsung Galaxy S4, S5 и Nexus 5, а за во иднина се планира проширување на поддршката.

COBI моментално е претставен на Kickstarter каде што веќе има собрано повеќе од 290.000 долари од потребните 100.000 за успешно завршување на финансирањето. Цената почнува од 150 долари, па нагоре, зависно од времето на нарачка и вклучените компоненти.

Извор: Kickstarter, Cnet

Претходна статијаНАСА сака да изгради лебдечки град на Венера
Следна статијаSkype за Office Online достапен за корисниците
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.