cyberpunk_city

Развитокот на технологијата е експоненцијален, а не праволиниски, што предизвикува истиот да се зголемува толку бргу што многу од луѓето немаат капацитет да го следат или да го разберат – а тек може да замислиме каква концепција ќе има просечниот човек за брзината на развиток за десеттина години отсега или за неколку децении. Но запознавањето на луѓето со новата технологија е есенцијално од аспект на тоа што истата мора да се пренесе во граѓанскиот сектор и да биде создадена да го олеснува животот и да го зголемува неговиот квалитет.

Затоа, за да ве запознаеме со преносната технологија која наскоро во иднината ќе можете да ја вградите во себе, ви го пренесуваме списокот кој го има направено веб-страницата WT WOX.

1. Вградени паметни телефони

Иако ова вришти од опасност по вашата приватност, сепак во исто време има и многу позитивни карактеристики кои можете да ги очекувате од телефон кој е вграден во вашата кожа. Комуникацијата со сите луѓе ќе ви се олесни и ќе можете да бидете во 24-часовна поврзаност. Тоа значи дека вашата физичка позиција секогаш ќе може да се дознае, дека веројатно ќе бидете изложени на константни електромагнетни зрачења и дека нема да имате ниту момент приватност – нешто на кое треба интензивно да се размисли како ќе се изведе и какви ефекти ќе има врз луѓето.

2. Чипови кои лечат

Најразлични чипови кои имаат способност да ја набљудуваат ситуацијата и да ослободуваат лекови за навремено и автоматизирано да ги регулираат ситуациите во телото. Научниците моментално работат на бионички панкреас кој цели да воведе автоматска регулација на инсулинот во телото ако природниот не работи. Во меѓувреме, пишувавме за минијатурни школковидни роботчиња кои можат да пливаат низ телото и да лечат болести, за лечење на болести преку магнетни нано-честички, како и за испечатени вештачки крвни садови.

3. Кибер-апчиња кои комуницираат со докторот

Чипот Raisin од проектот Proteus е дизајниран да го автоматизира ослободувањето на лекови во телото, но во исто време да испраќа информации до докторот во реално време за состојбите на организмот и концентрацијата на одреден лек во него. Но, исто како и со вградените телефони, имањето ваква контрола во активностите на пациентот е скоро-орвелијанска особено ако агенциите за животно осигурување во иднината почнат да одбиваат да го исплатат осигурувањето во случај ако пациентот одбива да има ваков чип во себе.

4. Контрола врз фертилитетот која може да се вгради во кожата од Гејтс Фондацијата

Гејтс Фондацијата поддржува еден проект за создавање на чип кој ќе може да се вгради во кожата на младите девојки и така да им овозможи контрола врз нивниот репродуктивен процес. Контролата врз ослободувањето на хормоните кои ги содржи ќе се остварува од далечина преку апликација или некој вид на „далечински управувач“. Но во исто време мораме да ги видиме негативните страни на истото: лесно може да замисли ситуација каде родителите на некоја девојка и` вградуваат ваков чип и ја држат под контрола во однос на нејзината репродукција, не дозволувајќи и` да има дете од човек со кој таа сака, туку од тој со кој тие сакаат. Ова и не е толку тешко да се замисли особено имајќи предвид дека самата фондација го цели овој концепт пред се` на земјите во развој цитирајќи ја „репродуктивната правда“ која на крајот може воопшто и да не излезе како правда. Можеме да замислиме и ситуации каде екстремно-радикални групации како ИСИС ги вградуваат овие чипови масовно во младите девојки за да го избегнат нивното „блудничење“ и активности кон сопствено уживање.

5. Паметни тетоважи

Тетоважи кои глумат клуч за возило, за дома, кои можат да ве идентифицираат или да ги користите место кредитна картичка со едноставно поминување на раката врз читачот – тоа и не е толку тешко да се замисли нели?

Но како и со сите претходни, следува предупредување: намалувањето на приватноста и способноста некој едноставно да се „изгуби“ ќе има многу негативен ефект врз општата човекова популација. Автоцензурата и конформизмот не е толку тешко да се процени дека ќе се зголемат со забрзувањето на ваквиот тренд, особено имајќи предвид дека денешните општества се` повеќе итаат кон зголемена масовна контрола и набљудување на активностите на луѓето. Ако некој може да ве детектира каде се наоѓате користејќи го вградениот чип, тој може да направи и патека по која сте се движеле, а од тоа да процени какви активности сте правеле, па што мислите и дали е тоа „подобно“ …

6. Врска меѓу мозок и компјутер

Веќе некое време сум на думата дека во следниот век ќе успееме да се „пренесеме“ внатре во компјутерите и во виртуелните светови и мрежи кои тие ги пружаат, предвидување во кое не сум сам туку има големи умови кои се согласуваат со ваквото гледиште. Но за ова да се оствари потребно е постапно да се пренесуваме преку константно зголемување на физичката врска меѓу нашиот мозок и компјутерите. Тоа ќе може да се оствари на неколку начина, од кои сметам дека најизведливите се создавање на вештачки невронски мрежи кои ќе можат да се „залепат“ директно на мозокот и тој да ги прифати како додаток, како и со други типови на поврзувачи со невроните. Интел предвидува дека практичните окружувања кои ќе овозможат директна мозок-компјутер врска ќе постојат до 2020 г.

7. Био-батерии кои можат да се стопат

Ако научниците не најдат начин како да го искористат телото како главен енергетски извор на вградените уреди, веројатно ќе треба да се размислува на пренослив и неотровен извор на енергија, нешто налик био-батерии кои користењето можат да се стопат и разградат без опасност. Во таа насока научнците работат на  биоразградливи неотровни батерии и на начин како да се користи гликозата од телото за добивање на енергија.

8. Паметна прашина

Замислете „прашина“ создадена од нано-роботчиња кои можат по потреба да се склопат во некој облик, да оперираат внатре во телото, да се борат против вируси и бактерии и да носат потребни материи за зацелување на оштетениот дел од телото, практично овозможувајќи бесмртност или огромна долговечност… Но во исто време замислете како оваа прашина може да ве убие или да ве мачи ако некој преземе контрола врз неа и ја управува по свој терк, на пример, идните кибер-терористи…

9. Сеопшта идентификација

RFID чипови вградени во кожата кои можат да не` идентификуваат било каде – кошмарот на киберпанк писателите како и на Орвел. Дали има позитивна работа од универзалната идентификација? Не би можел да ги набројам многу, а негативните се навистина многу. Оваа идентификација се поклопува со тоа што го пишав во точка 5 за паметните тетоважи.

10. Имплантирање на паметни 3Д иштампани органи

Кој не би сакал вештачко срце, бубрег, панкреас, бели дробови, црн дроп или некој мускул во случај ако го изгуби поради несреќен случај или поради години лош квалитет на живот (лоша исхрана, немање редовна вежба, дишење загаден воздух итн.)? Секој би сакал. Затоа научниците моментално работат на технологија која ќе овозможи 3Д штампање на органи кои би комбинирале природни биолошки ткива создадени од матични клетки и некои други паметни ткива и клетки.

Иднината доаѓа, како што напишавме веќе претходно. Дали сте спремни?

Извор: WTWOX

Претходна статијаAvi-On: Прекинувач за паметни сијалици кој може да се постави на било која локација
Следна статијаНАСА сака да изгради лебдечки град на Венера