Д-р Дејвид Митлин и неговиот тим преку користење на специјален процес на обработка на сржта од конопот, имаат успеано да создадат нано листови слични на таквите од графен, кои имаат еднакви или подобри карактеристики како електроди за нови видови на батерии.
Во потрагата по т.н. суперкондензатори (supercapacitors) кои можат да држат далеку повеќе електричен потенцијал од денешната батериска технологија, а во исто време да можат да се наполнат и испразнат за само неколку секунди, научниците денес се обидуваат да го користат ново-откриениот материјал наречен графен. Графенот се состои од чисти јаглеродни атоми кои се поставени во решетка (која може да изгледа како лист, цилиндар или друга форма) и поради својата тенкост овозможува лесно преминување на електроните меѓу атомите и тоа на собна температура, со што ги подгрева надежите да постане идниот суперспроведувач како и за градење на електродите на суперкондензаторите. Но очигледно на никој досега не му текнало дека можеби и природата има нешто слично веќе подготвено во својата понуда.
Имено, тимот на Д-р Митлин зел од сржта на растението канабис и го подложил на процес на греење кој траел 24 часа na 177 целсиусови степени. По ова ги изложиле влакната од сржта на кратка, интензивна топлина, по што самите се издвоиле во нанолистови слични на графенот. Дополнително, не само што се издвоиле во сличната форма туку покажале слични карактеристики во однос на графенските листови.
Овие нови нанолистови од коноп доставувале 2-3 пати повеќе енергија од денешната батериска технологија, односно 12 ват-часови по килограм. Во исто време производството на овие нанолистови е далеку поевтино отколку производството на графен, што го прави одлична алтернатива за следната батериска технологија.
Да се надеваме дека наскоро ќе ги имаме во раце уредите кои ќе ги употребуваат ваквите суперкондензатори, за да се намали потребата за полнење на една недела или подолго. Секако останува и да се запрашаме која друга технологија ни ја има спремено природата пред воопшто да знаеме дека ни треба, по создавањето на крилото за летање, подморницата, качување по ѕидови, наноматеријали како суперакумулатори и многу други технологии.
Извор: Phys